Кабинет на Орбан: Унгарија досега нема добиено официјално барање за екстрадиција на Груевск

Унгарија досега не добила официјално барање од Македонија за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, соопшти Кабинетот на претседателот на унгарската Влада, Виктор Орбан.

Од македонското Министерство за правда вчера соопштија за МИА дека се подготвува потребната документација за екстрадицијата, откако кај нив стигнало известување од Министерството за внатрешни работи дека Груевски се наоѓа во Унгарија.

За екстрадиција на Груевски потребни се документи од Судот односно правосилна пресуда, извадок од КЗ за описот на делото и застареноста на кривичното гонење односно за извршувањето и барање од Судот до надлежниот орган во државата каде што треба да се постапи за екстрадиција.

Груевски, кој е осуден на две години затвор за случајот со набавката на луксузниот мерцедес, побегна во Будимпешта каде побара политички азил.

Од прес-службата на Кабинетот на премиерот Орбан, вчера соопштија дека унгарските власти го разгледуваат барањето за азил. – Со оглед на тоа дека десетина години беше премиер, поради безбедносни причини унгарските власти дозволија Никола Груевски барањето за азил да го достави и биде сослушан во седиштето на Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта. Канцеларијата ќе спроведе постапка за проценка на барањето за азил во согласно унгарското и меѓународното право, се наведува во соопштението.