Жбогар: Политичките партии треба да бидат транспарентни

Политичките партии треба да бидат транспарентни, не само во поглед на нивното финансирање, туку треба да ги зајакнат и своите внатрешни политички контроли. Ова значи подобро промовирање и заштита на слободата на говорот и изразувањето. ЕУ е подготвена да ги поддржи сите напори во однос на оваа област, истакна денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар на тркалезната маса за ревизија на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи, организирана од Државниот завод за ревизија на Република Македонија.

Евроамбасадорот посочи дека финансирањето на политичките партии и кампањите се смета за една јавна активност со голем ризик поврзан со корупцијата. Ова е случај кој се потврдува кај новите демократии, кај оние во транзиција и кај зрелите демократии.

– Насекаде низ светот нерегулираното финансирање создава една сива зона која има влијание врз политиката и интегритетот на јавниот сектор. Политичките партии честопати стануваат инструменти на различни донатори и ги претставуваат нивните интереси место интересите на граѓаните и последиците се очигледни. Демократијата  и доброто владеење се поткопани  и она што е најважно е дека јавната доверба во политичарите и во демократските процеси се намалува, рече Жбогар.

Тој укажа и на важните напори на Собранието на Република Македонија кога станува збор на измената и дополнувањето на Законот за финансирање на политичките партии, со што политичките партии сега имаат дозвола да користат повеќе буџетски средства од државата. Сега скоро е двојно зголемено, од 0,6 на 0,15 отсто.

– Сега политичките партии имаат можности и за други финансирања, но се намалија индивидуалните придонеси и сега има дополнително можност за финансирање преку кредити или заеми. Политичките партии сега мора да ги достават финансиските извештаи за нивните сметки. Ова е многу важен развој, но сепак финансиската транспарентност и внатрешната демократија кај политичките партии и понатаму треба да се подобри, рече Жбогар.

Тој потсети дека одредени аспекти беа утврдени и од набљудувачите од ОБСЕ во текот на кампањата за референдумот и тука, како што рече, се вклучува потребата за оние граници за трошење  и исто така одредени ревизорски процедури и санкционирање за одредени процедури. Тука треба да биде јасно дали политичките партии и другите заинтересирани страни треба да даваат отчет за своите финансии и за своето трошење во текот на кампањите.

Овој твининг проект го спроведуваат државните заводи за ревизија на Бугарија, Хрватска  и на Македонија во соработка со Собранието на Република Македонија.

– Неколку препораки беа подготвени и нивното следење од Владата и од Собранието ќе ги намали ризиците за корупција и за измама. Ова значи дека ќе се постави соодветен парламентарен надзор на финансирањето на политичките партии и финансирањето на изборните кампањи. Граѓанското општество е дополнителен чувар на демократските права на граѓаните, соопшти Жбогар.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери истакна дека финансирањето на политичките партии и  изборните кампањи ги засега и високоразвиените демократски држави со функционални институции. Тие, како што рече, не се имуни на можноста за злоупотреба на државните средства и средствата од други извори и токму затоа се и предмет на постојана контрола од ревизорските институции кои уживаат голема доверба и углед во светот и кај нас.

Потсети дека Собранието има потпишано Меморандум за соработка со Државниот завод за ревизија. Според него,  Државниот завод за ревизија е многу добар и успешен пример за функционална и независна институција која работи исклучиво според законите и во корист на граѓаните и општеството.