Стабилни политички партии како ВМРО-ДПМНЕ и како СДСМ, значат и стабилност за Република Македонија. Завршувањето на конгресот на нашиот политички опонент и изборот на нов лидер треба да претставува перспектива и за државата, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
– Очекувам конструктивен процес во Парламентот и критичен осврт од опозицијата. Можам само да му посакам среќа на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и заедно сите да му ја мислиме за Република Македонија, изјави Заев, прашан како го оценува изборот на Христијан Мицковски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Прашан дали има најава за средба со новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Заев рече дека немаат ништо разоварано, но дека првата прилика кога ќе има потреба од средба би прифатил и би поканил.
Прашан дали очекува ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието, Заев рече дека очекува корегирање на одлуката и враќање во Парламентот, заради тоа, како што рече, пред него има многу сериозни прашања за одлучување.
– Учеството на опозицијата е неопходно за да имаме нормални и демократски процеси. Убеден сум дека опозицијата треба да биде составен дел од сето она што значи реформски процес, но и сето она што значи добри перспективи на Република Македонија. Таму каде што ќе успееме да се усогласиме, го очекувам и нивниот глас, таму каде што нема да се согласуваат со власта да бидат критични и против, рече Заев.
Прашан дали ќе има нова средба со Зијадин Села, лидерот на Алијанса за Албанците, Заев рече дека повеќе од месец разговараат за ова прашање.
– Се надевам дека ако нивната одлука е да останат во Влада, тоа значи прифаќање на потпретседател на Владата на Република Македонија за реформи, изјави Заев.
Посочи дека ниту Арбен Таравари, ниту Зијадин Села го информирале и тој слушнал од медиумите за неговата одлука да оди како кандидат за градоначалник.
– Се работи за политичка партија која што има две пратенички места. Министерството за здравство е еден од најважните ресори во владата и во моментот кога беше понудено при концепирање беше дадена и заради кандидатот. Ние го понудивме местото потпретседател за реформи имајќи го предвид дека навистина е млада партија што ќе сака да се докажува. Верувавме дека тоа може да биде прифатливо за нив, рече премиерот.
Заев денеска беше во Кривичниот суд, поради судењето за предметот „Поткуп“ во кој како градоначалник на општина Струмица е осомничен за барање и за земање поткуп во висина од околу 160 илјади евра. Судењето е одложено за 29 јануари следната година, бидејќи предметот не е пристигнат од Апелацискиот суд кој се уште не одлучил за жалбата за ПИ-мерките во овој случај.