Случајот со Груевски и понатаму актуелен во Грција

Објавениот статус на Никола Груевски на неговиот Фејсбук профил дека се наоѓа во Будимпешта и дека бара политички азил од унгарските власти, се најде во грчките медиуми кои уште од завчера го следат случајот со поранешниот македонски премиер, јави дописничката на МИА од Атина.

Веста беше дел и од синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии, а новинарите акцентот го ставија на информацијата дека Груевски побегна кај Орбан.

„Од премиер, бегалец“ , беше насловот што го одбра грчката телевизија „Антена“ за да го најави прилогот посветен на поранешниот македонски премиер.

-Во Скопје го бараа, во Будимпешта е поранешниот премиер Никола Груевски кај Виктор Орбан, кој никогаш не го поздрави Договорот од Преспа и отсекогаш беше пријател на Груевски, објави грчката телевизија „Антена“ во прилогот во кој споменува дека Груевски беше 10 години премиер, а е осуден на 2 годишна затворска казна.

Новинарот од грчката телевизија „Скај“, ги потсети гледачите дека „Греувски, во периодот додека беше премиер имаше многу добри односи со владата на Орбан“.

-Како голем националист отиде кај неговиот добар пријател орбан, другиот голем националист и ултра десничар, коментираше новинарот од „Алфа“, додека пак веста беше најавена под насловот „Избега за да не оди во затвор“.

Весникот „Катимерини“, веста за Никола Груевски ја објави на насловната страница, во текст под наслов „Кај Орбан бара азил Груевски“.

-Партијата на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ одржува тесни врски со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој минатиот јуни се постави против Договорот од Преспа, пишува „Катимерини“.

Електронските изданија на грчките медиуми во поголемиот број го презедоа текстот под наслов „ПЈРМ: Груевски се наоѓа во Унгарија, каде што бара политички азил“, објавен од грчката новинска агенција АНА-МПА.