Заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања Бујар Османи, во рамки на работната посета на Брисел, денеска имаше неформален брифинг со претставници на Работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан (КОВЕБ).
На состанокот, вицепремиерот Османи, соопшти неговиот кабинет, брифирал за актуелната состојба во Македонија, оценувајќи ја политичката клима како позитивна за имплементација на предвидените реформи, особено сега, по првата одлука за пристапување кон промени на Уставот согласно договорот од Преспа, со што се откочи и работата на Собранието.
– Како Влада и како држава внимателно работиме на исполнување на сите забелешки и препораки содржани во Извештајот на Европската Комисија, особено оние кои реферираат на заклучоците од јунските самити на Советот на ЕУ, со што ќе изградиме солидно портфолио кое ќе обезбеди конфирмација на одлуката од страна на Советот следниот јуни и почеток на преговорите, истакна Османил, посочувајќи притоа на напредокот и во имплементација на уставните измени, и на реформите од Планот 18.
Тој информирал дека Планот 18 е веќе усвоен на Влада и оти неговата имплементација, засега се одвива непречено. Изразил очекување навреме да бидат адресирани сите клучни области, имајќи предвид дека темпото на имплементација на реформите се засилило по откочување на Собранието со првото зелено светло за уставните измени. Османи, го посочил и напредокот во формирањето на преговарачката структура и подготовката на државата за почеток на преговорите.
Вицепремиерот Бујар Османи во својство на главен преговарач и шеф на државната делегација за преговори со ЕУ, ја предводи македонската делегација во Брисел која го започнува подготвителниот скрининг за Поглавјето 24 насловен „Правда, слобода и безбедност“.
Османи ќе има и работна седба со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.