Деца од Црна Гора ја посетија куќата на Дедо Мраз во Кавадарци

Четириесет и пет деца од Црна Гора синоќа ја посетија куќата на Дедо Мраз во Кавадарци. Се работи за дворот од домот на кавадаречкото семејство Вареловски, кој веќе дваесет години по ред е украсен околу Нова година, а сопственикот во улога на Дедо Мраз им дарува подароци на децата посетители.

Црногорските ученици од седмо, осмо и деветто одделение, денеска ќе посетат и винарија. Директорот на училиштето „Братство и единство” од Рожаје, Музафер Мујовиќ, изрази задоволство и благодарност за големиот труд и енергијата кои Вареловски ги вложуваат, ширејќи соработка и љубов. Им се заблагодари и на сите кои ја поддржуваат оваа акција, како и на претставниците на Амбасадата на Црна Гора во Македонија кои го препознале значењето на оваа соработка и го потврдиле тоа со своето присуство во Кавадарци. Пренесе поздрав и поддршка од Министерството за образование на Црна Гора.

– Нашата установа го носи името кое како синтагма носталгично не потсетува на времето кога бевме единствена држава и кога можностите за различни врски помеѓу луѓето од овие простори беа многу поголеми, додаде тој.

На домаќините им посака се најубаво во иднина. Им врачи благодарница за посетата на куќата на Дедо Мраз и дведецениската хуманитарна работа, како и подарок слика на која е претставен заштитникот знак на нивниот град, кој е збратимен со Кавадарци.

– Ова е единствена прилика да се доживее вакво нешто. Мислам дека нашите деца се одушевени од оваа посета. Одовде ќе понесеме само најубави впечатоци. Секако дека повторно би сакале да дојдеме, рече Мујовиќ.

Домаќинот Ѓорѓи Вареловски, во улога на Дедо Мраз, рече дека е среќен секогаш кога ги гледа децата задоволни, затоа што, како што нагласи, зборовите на радост изречени од младите, допираат до душата и срцето.

– Оваа година сум повторно најсреќен затоа што славам триесет години брак, дваесет години откако го правам ова хумано и добро дело. Да израдуваш секоја година дечиња, е нешто прекрасно. А најголемата радост е што го добив и првиот внук. Голема благодарност до луѓето од Рожаје, до директорот, што ја прифатија понудата, ова ми ја полни душата. Треба да разбереме дека дружбата помеѓу луѓето е нешто феноменално. Затоа ми е многу мило што и самото име на црногорското училиште има симболично име. Треба секогаш да негуваме братство и единство, без разлика на вера и нација. Сакам сите ние да се чувствуваме најубаво. Затоа секогаш имам една изрека –  Доколку имаш пари, ако видиш до тебе некој што нема, подели му од твоите пари и нему. За и тој да биде среќен. Тогаш двајца ќе бидат среќни и ќе биде многу поубаво, додаде Вареловски.

Упати благодарност и до кавадаречкиот градоначалник, до Црногорската амбасада и на сите оние кои помогнале на  каков било начин.

– Сметам дека овој настан е своевиден амбасадор на градот. Мислам дека Кавадарци ќе биде препознатлив по Дедо Мраз. И тоа вистински. Не ги знам до толку големите броеви за да кажам колку сијалички и колку лампиони има во мојот двор, затоа што навистина многу ги има, станува збор за многу голема бројка. Ова е една уметност. Ми требаше годинава околу еден месец за да украсам се. Пресреќни сме не само јас, туку и целата моја фамилија, тоа е убавата работа во сево ова. Навечер работиме и до полноќ. Секојдневно примаме гости, кој ќе дојде е добредојден. За сите има подароци од Дедо Мраз, рече тој, упатувајќи порака до сите деца да бидат среќни и весели.

Во име на амбасадорот Предраг Митровиќ се заблагодари Татјана Перовиќ Митрова, шеф на одделението за економски прашања и туризам при Амбасадата на Црна Гора во Република Македонија.

– Со задоволство ја прифативме и поддржавме иницијативата за заедничко дружење. Двете земји навистина се чувствуваат како братски народи, немаат никакви отворени прашања, нагласи таа.

Задоволство изразија и децата кои беа во посета кај Вареловски.