Создавање младински банки, како средиште во кое младите ќе може да дојдат и да се информираат за знаења, материјали, контакти, идни партнери, можности во сите сфери на живеењето, е цел на проектот Средиште на младински банки во Западен Балкан и Турција (YouthBankHub).
Ова на денешната трибина „Преглед на состојбата на младите во Македонија низ индикатори за младинско учество“, го изјави координаторката на проектот, Марија Матовска, од Младиинфо интернационал.
Посочи дека граѓанскиот сектор ќе биде тој што треба да ја подобри состојбата на младите во општеството, но, сепак, побара помош и од институциите и единиците на локалната самоуправа.
– Состојбата не е сјајна и треба да бидеме поспецифични за тоа како ќе ја мериме вклученоста на младите. Направивме индекс, што ќе ја одразува младинската вклученост, рече таа, при тоа напоменувајќи дека во тој процес се соочиле со проблеми при пристапот до податоци.
Проблемите со кои се соочуваат младите, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, не распознаваат ниту политичка партија, ниту етничка припадност, ниту какви било други поделби.
-Тоа се проблеми на сите млади и само заедички можеме да добиеме квалитетно решение, изјави тој на денешната трибина.
Како главни проблеми со кои се соочуваат младите ги посочи невработеноста, која како што рече на почетокот на ова година изнесувала над 53 отсто, како и континуираниот одлив на мозоци, со оглед на тоа дека изминативе десет години над 600 илјади луѓе се отселиле од земјава, од кои најголем број млади луѓе.
Проектот почна во 2016 и ќе трае до 2019 година, е регионален и во него освен македонската НВО се вклучени и организации од Србија, Црна Гора, Албанија и Турција. Финансиран е од ЕУ.