Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска со мнозинство гласови „за“ го прифати барањето на судот и му препорача на Собранието да му го одземе пратеничкиот мандат на Никола Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.
За одземање на мандатот на Груевски гласаа пет од деветте членови на Комисијата, од партиите од владејачкото мнозинство. На гласањето не присуствуваа членовите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие дојдоа на Комисијата, но по искажаните забелешки на Трајко Вејланоски дека се води политички, а не правен процес, ја напуштија седницата.
-Во Република Македонија, за жал, денес нема самостојно судство, а пратениците се судат во политички мотивирани процеси заради искажано мислење. Пресудата за пратеникот Никола Груевски е донесена во процес во кој ниту е докажана штета на државата, ниту е докажана некаква материјална корист со која тој противправно се стекнал. Предметот кој е главен доказ за ова т.н. дело сега е во рацете на некој друг кој секојдневно се вози со него, рече Трајко Вељаноски, член на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека ова што се случува е политички процес со кој, како што рече, преку девастација на судството, правото и правдата, се обидува да се направи дефокусирање на јавноста.
-Во Македонија се води политички монтиран процес. Секогаш кога една судска кампања завршува со нечии грешки, секогаш историјата наоѓа начин да ги исправи, рече тој.
Александар Кирацовски кој е член на Комисијата од СДСМ смета дека пресудата на судот против пратеникот Никола Груевски го прави недостоен да ја изршува функцијата и оти затоа мандатот треба да му биде одземен. Не држат, истакна Кирацовски, тврдењата дека во Македонија се водат политички мотивирани процеси. Напротив, потенцира Кирацовски, денеска како никогаш досега владее законот и правдата.
-Правда мора да има. Република Македнија е правна држава во која законите важат за сите. Секој оној за кој има судска пресуда дека ги прекршил законите мора соодветно да одговара за своите постапки без оглед на политичката, верската или националната припадност и без оглед во која функција се наоѓа сега. Оној за кој е докажано дека ги прекршил законите е несоодветен да биде дел од законодавниот дом каде законите се носат и подобруваат и дом кој ги застапува граѓаните, рече Кирацовски.
Апелираше ова да биде поука за сите сегашни и идни функционери да не ги прекршуваат и заобиколуваат законите заради тоа што правдата е еднаква за сите.
Претседателот на Комисјата Павле Богоевски се согласува да се одземе мандатот на Груевски, бидејќи делата кои му се ставаат на товар го прават недостоен за вршење на пратеничката функција.
-Главната причина поради која мислам и тврдам дека мандатот на пратеникот Никола Груевски треба да му биде одземен е фактот дека тој е осуден за кривично дело „злоупотреба на власт, односно злоупотреба на довербата на граѓаните“, рече Богоевски.
Иако не е член на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на седницата побара и се обрати пратеникот Сашо Василевски од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ кој рече дека се против одземањето на мандатот на Никола Груевски и оти оваа расправа е избрзана ако се има предвид формирањето на Координативното тело за процесот на помирување.
-Без разлика на тоа што немаме право на глас, нашиот став е „против“, рече Василевски.
На седницата беше поканет и Груевски, но не присуствуваше бидејќи е на судење за предметот „Титаник“.
Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ. Со него се предвидува за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот кој ја изрекол казната.
По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница, а претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. За да му биде одземен мандатот на Груевски на Собранието му е потребно двотретинско мнозинство , кое е неизвесно поради тоа што пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат „за“, а и денешното изјаснување на Василевски дека независната пратеничка група е против одземање на мандатот.
Груевски најдоцна до 8 овој месец треба да се јави на издржување на затворската казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.
Поранешниот премиер Груевски беше прогласен за виновен и осуден на двегодишна затворска казна на 23 мај. Тој заедно со првообвинетиот во „Тенк“ Ѓоко Поповски поднесоа жалба до Апелацискиот суд Скопје, кој ја одби како неоснована жалбата на Груевски, а делумно ја прифати жалбата на Поповски и му ја намали казната затвор на четири години и шест месеци. Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор