Во Велес ќе се одржат 51. Детски Рацинови средби

Свеченото отворање на манифестацијата  51. Детски Рацинови средби посветени на поетот и револуционер Коста Солев Рацин во неговиот роден Велес е  денеска во 12:30 часот во салата „Бели мугри“ при Градската библиотека, каде ќе бидат врачени наградите на најдобрите ученици по распишаниот литературен и ликовен конкурс „Рацин, денес, вчера утре“, а ќе се одржи и културно уметничка програма.

Програмата ќе започне претладнево во медиотеката на Градската библиотека со Поетска работилница и доделување пофалници на учесниците, а во исто време во Ликовниот салон учениците ќе изработуваат постер  на тема „Рацин, денес, вчера, утре“, а ќе им бидат доделени и пофалници.

Потоа учесниците-ученици од голем број основни и средни училишта од повеќе градови од земјава, ќе му се поклонат на големиот Рацин  на двата споменика, во центарот на градот и пред гимназијата која го носи неговото име.

Програмата ќе продолжи во ООУ „Блаже Конески“  со  „Поетско перо низ страниците на детските списанија“.

Веднаш потоа во „Сокачето на поезијата“ пред Спомен куќата на Рацин  ќе се одржи Поетско читање  на наградените творби.

Во тие рамки внатре во неговата  Спомен куќа, учесниците на средбите ќе ја  посетат и ликовната изложба и грнчарската работилница.

Тие ќе можат да се запознаат и со грнчарското колце на кое стомни и други грнчарии  правел и поетот  кој бил и грнчар според традицијата на неговото семејство Солеви кои биле  познати грнчари во градот.

Детските Рацинови средби ги организираат Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ и Општина Велес,а во рамките на програмата  за одбележување на 9-ти Ноември Денот на ослободување на Велес.

Детските Рацинови средби во Велес  ќе продолжат утре – среда  со „Поетски караван“ со учество на познати македонски писатели за деца со читање своја поезија низ велешките основни и средни училишта, интернатот и детската градинка.

Средбите ќе завршат со промоција на публикацијата „Кочо Рацин-живот и дело“ од авторите Павлина  Василева и Марин Клифов што е закажана  во Спомен куќата на Рацин, а за што ќе говори Васил Тоциновски.

Инаку, Коста Солев Рацин со својата стихозбрика „Бели Мугри“ отпечатена во 1939 година во Самобор Хрватска е најпреведува македонски автор на сите светски јазици.а