Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан денеска бил примен од патријархот на Бугарската православна црква (БПЦ) Неофит, јавува бугарската агенција БГНЕС.
Ова е прва средба на поглаварите на двете цркви, откако БПЦ прифати да и биде мајка црква на МПЦ, како чекор кој треба да доведе до признавање на нејзината автокефалност.
Поглаварот на МПЦ, архиепископот Стефан, се заблагодарил на сите во Бугарија кои ја поддржуваат желбата на МПЦ да добие признание за својата незавиност и истакнал дека писмото со барањето до БПЦ било едногласно прифатено од Синодот на Македонската православна црква.
– Писмото што го испративме до Бугарската патријаршија дека таа може да е наша црква-мајка едногласно е прифатено од нашиот Свет синод. Некои од соработниците можеби и имаат свое видување, но важно е што решава и вели мнозинството, изјави архиепископот Стефан.
Бугарскиот патријарх Неофит за емисијата „Вера и општество” на бугарската телевизија, рекол дека „не е лесен крстот кој бугарската црква го презема, зошто досега ништо не е направено за решавање на проблемот со македонската архиепископија“. – Сега со Божја мудрост, учесниците во меѓуцрковната комисија, нека го постигнат резултатот што сите го сакаме, рече Неофит.