Откако не успеаја преку разни притисоци, закани и уцени да ја скршат партијата и актуелното раководство, сега почнаа уште пожестоко да ги злоупотребуваат институциите и да се обидат да го попречат ВМРО-ДПМНЕ во своето работење.
Единствениот аболициран политичар за криминал Зоран Заев знае дека ВМРО-ДПМНЕ е последниот бедем во заштита на државните и национални интереси и затоа не бира средства со кои што ќе си обезбеди бришан простор за реализација на распродажбата на се што е македонско и општиот грабеж кој што Заев и картелот околу него го реализираат во моментов.
Затоа Заев одлучи да го направи и последниот чекор и да го впрегне неговиот последен адут, партиското специјално јавно обвинителство и клиентелистички расположениот суд и да го замрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
Партиското, непрофесионално и селективно специјално јавно обвинителство еден месец после референдумскиот дебакл на Заев и СДСМ, побара да биде замрзнат целокупниот имот на партијата, а судиите Весна Димишкова и Седат Реџепагиќ, без никаква основа веднаш скокнаа да помогнат и да донесат позитивна одлука по барањето на СЈО.
За прв пат во историјата на Република Македонија, но и за прв пат на европско тло се бара замрзнување на имот на политичка партија која што е во опозиција.
Ова е демократијата и демократските принципи за кои што се залагаат Заев и СДСМ! Принципи со кои што однародената власт се обидува да го умртви секое поинакво размислување и да забрани секакво политичко делување кое се разликува и кое не се согласува со антидржавните политики на Заев и СДСМ.
Ќе повторам, вакво нешто не се случувало, ниту се случува во Европа кон која се стремиме.
Барањето на СЈО и Одлуката на судиите Димишкова и Реџепагиќ се целосно неосновани и без никаква правна аргументација. Барањето на СЈО и одлуката на судиите се исклучиво, и исклучиво политички мотивирани.
Повредени се и протоколите и праксата на Европската конвенција за човекови права и Европскиот суд за заштита на човекови права.
Прво и основно, не постои мандат, овластувања и надлежност за поведување на барање за определување на привремената мерка од страна на СЈО.
Второ и уште поважно, ВМРО-ДПМНЕ како правно лице воопшто не е осомничено во постапката, и оттука очигледно е дека единствената намера на инспираторите на ова сценарио е политички прогон со кој на партијата и се причинува штета и да се наруши можноста за нормално извршување на дејноста на политичката партијата.
Ќе повторам, сето ова се случува во време кога Заев сака да ја погази јасно изразената волја на граѓаните на референдумот одржан на 30 септември и на помалку од шест месеци пред одржувањето на изборите за Претседател на Република Македонија.
Со ваквата одлука на судот незаконски се задира во правата на лица кои не се осомничени и во јавноста се испраќа порака на заплашување дека секој може да биде жртва доколку не се согласува или се спротивставува со политиките на Заев.
Понатаму, во рамки на барањето и на одлуката не е приложен ниту еден доказ, потенцирам ниту еден доказ со кој може да се извлече било каква корелација со изречената мерка. Со тоа свесно и намерно се повредува правото на слободно располагање на сопственоста, заштитено со домашни и меѓународни акти.
Индикативно во целиот овој атак врз ВМРО-ДПМНЕ е тоа што по вакво барање Апелацискиот суд од Скопје веќе има одлучувано и тогаш го има отфрлено истото барање.
Исто така индикативно во целиот овој атак врз ВМРО-ДПМНЕ е што одговорноста не ја презел само еден судија, туку таа е поделена на двајца, што е спротивно и на Законот за кривична постапка.
Почитувани,
Од авион се гледа дека ова е случај на класичен ама класичен политички прогон и невидено политичко насилство со кое што директно се задира во правата на граѓаните да се организираат и да делуваат. Ова е класична злоупотреба на институциите и правосудниот систем во исполнување на политичката агенда на Заев.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ бара под итно да се укине решението за привремената мерка донесена во текот на вчерашниот ден, како неосновано и недозволено.
За овој политички прогон ВМРО-ДПМНЕ ќе ги информира меѓународните претставници во земјава и нашите сестрински партии. За овој политички прогон и обидите да се забрани опозициското делување ќе се бара и лична и политичка одговорност!
За крај, сакам да им порачаме на политичките инспиратори, нарачатели, помагачи и реализатори на ова црно сценарио: Да, можете да ни се заканувате! Да можете да не уценувате! Да можете да не блокирате и попречувате, но знајте дека не ви се плашиме. Со секој ваков чин на насилство само дополнително не мотивирате. Нема да не скршите, бидејќи не може да ја скршите нашата волја и одлучноста за борбата за Македонија, а Македонија ќе победи!