Даниела Рангелова поднесе оставка од претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателката на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен пратеник Даниела Рангелова денеска поднесе оставка на оваа функција.

Рангелова, за МИА ја потврди оставката и рече дека причините за тоа се нејзиното несогласување со политиките на актуелното раководство на опозициската партија.

Пратеничката додаде дека се што имала да каже објавила во статус на нејзиниот Фејсбук профил.

Во изјавата за МИА кажа дека и покрај несогласувањата со раководството на партијата, таа останува дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Рангелова е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник и поранешен член на Општина Центар. Таа е една од членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа да гласаат на референдумот на 30 септември, за разлика од најголем дел од раководството и членовите на оваа партија, кои го бојкотираа плебисцитарното изјаснување.

Рангелова во Собранието гласаше против пристапувањето кон уставни измени согласно Договорот од Преспа.