Заев-Церар: Поддршка од Словенија за Договорот од Преспа и за членството во ЕУ и НАТО

Заменик претседателот на Владата на Република Словенија и министер за надворешни работи Миро Церар на средбата претпладнево упатил честитки до премиерот Зоран Заев, за, како што се наведува, мудрите и храбри обединувачки политики.

Како што соопшти владината прес-служба, Церар, кој е во официјална посета на Македонија, исто така, ја поздравил одлуката на Парламентот од петокот, во насока на реализација на Договорот од Преспа, како исчекор во евро-атлантските интеграции на Македонија. Тој најавил продолжување на поддршката од Словенија за развојот на Македонија и членството на нашата земја во НАТО и во ЕУ.

Премиерот Заев, се наведува, посакал успех на новата словенечка Влада, на новиот премиер и на министрите и се заблагодарил за големата пријателска поддршка што ја добива нашата земја од Република Словенија.

-Испишуваме позитивна историја во односите со соседите. Отвораме пат за евро-атлантските интеграции. Сето тоа го правиме низ инклузивен процес во институциите и во државата. Мотивацијата е голема. Ќе почнеме со работа на нацрт амандманите за измени на Уставот во согласност со Договорот од Преспа неделава, заедно со опозицијата. Очекувам дека мнозинството ќе се зголемува и дека за реформскиот процес и за важните прашања за државата и за граѓаните, ќе има широка политичка поддршка, рече премиерот Заев, се наведува во соопштението.

На средбата заеднички било констатирано дека економските односи меѓу двете држави се во развој, дека е зголемен бројот на странски инвестиции и е изразено очекување за нивно унапредување и зголемување по заокружувањето на политичките процеси на Македонија кон НАТО и ЕУ.

Посочено било како значајно динамичното продолжување на реформските процеси во Македонија важни за европските интеграции, но и за квалитетот на живот на граѓаните.

Се разговараше и за актуелни политички прашања во регионот и изразена е заедничка оценка дека напредокот на Македонија кон НАТО и ЕУ, преку политичкото обединување и добрососедските односи, е силен поттик за евро-атлантски напредок на целиот Западен Балкан, стои во соопштението.