Се чека преведувач за да се соопшти одлуката за Грујевски и Бошковски

Одлуката за барањето на македонските власти за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски во Македонија е пролонгирана,  бидејќи во Судот во Солун нема преведувач на македонски јазик.

Судечкиот совет на Солунскиот суд денеска требаше да ја соопшти одлуката за барањето на македонските власти за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски во Македонија, но како што изјави за МИА адвокатот Петар Василев, нема преведувач да ја соопшти одлуката.

Во моментов, како што рече Василев бараат преведувач кој ќе им овозможи во целост да ја разберат одлуката за екстрадицијата.

На минатите рочишта како сведоци беа сослушани Василев и Александар Даштевски.

Василев посочи дека доколку Судот одлучи позитивно на барањето за екстрадицијата, како одбрана имаат право на жалба до Врховниот суд во Атина, во рок од 24 часа.

Да се екстрадираат во Македонија поранешните началници во Управата за безбедност и контра разузнавање, му предложил обвинителот на Советот на судии, според грчката новинска агенција на минатото роиште во солунскиот суд.

Oдбраната на Грујевски и Бошковски тврдела дека не станува збор за вистински обвиненија. И двајцата пред судот кажале дека не сакаат да бидат екстрадирани во Македонија бидејќи стравувале за своите животи и намоло да имаат фер судење. Исто така, ги негирал обвиненијата за кои што се товарат и ги оцениле како „политички прогон“.

Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошковски имаат уште два други процеса во Грција, независни еден од друг. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром. Судењето по три одложувања ќе се одржи на 17 мај следната година. Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември.

Грујевски и Бошковски во меѓувреме остануваат во притвор во близина на Солун.

Грујевски и Бошковски, кои се меѓу обвинетите од СЈО за предметот „Тврдина и Таргет“, за кој денеска треба да почне судењето во Кривичниот суд во Скопје, беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври годинава, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.