Гала-премиера на „Ромео и Јулија“ на Пројковски во Истанбул

Во Националниот театар во Истанбул синоќа беше изведена гала-премиера на Шекспировата „Ромео и Јулија“ во режија на Дејан Пројковски, која ја посетија видни личности од културниот и јавниот живот во Турција.

Во уметничката екипа заедно со режисерот Пројковски работеа и костимографката Олга Панго, а композитор на музиката за претставата е Горан Трајковски. Асистент на режија е Атила Клинче, сценографијата е на Нурула Тунџер, костимографијата на Медина Алмаџ и дизајн на светло Серхан Акн.

Театарската критика во Турција напиша највисоки оценки за оваа претстава на Пројковски.

– Претставата која произлегува од кинематографската перцепција на режисерот треба да се разгледа во две фази – првата е длабочината на сцените кои нѐ водат во магијата на љубовта, а втората е извонредниот спој на музиката и играта во водата. Приказната која е ставена во еден чин, а трае повеќе од два часа, не остава простор за потреба од пауза, бидејќи секако ќе ја гледате во еден здив. За да ја опишам оваа претстава, нема да згрешам доколку го искористам зборот – совршена, напиша во својата рецензија Јашам Каја, еден од најважните театарски критичари во Турција.

Премиерата на „Ромео и Јулија“ беше на 17 октомври 2017, а поради огромниот интерес оттогаш има над 30 изведби. На репертоарот на Националниот театар во Истанбул „Ромео и Јулија“ е најавена со по 14 изведби за јануари и февруари.