Обвинетите за „27 април“ со поддршка за пратениците кои гласаа „за“

На почетокот на денешното рочиште за „27 април“, обвинетиот  Вилијам Михајловски рече дека сака да даде поддршка за пратениците кои во петокот во Собранието гласаа за пристапување кон уставни измени.

Михајловски во име на обвинетите, рече дека „им изразуваат поддршка на храбрите пратеници кои гласаа за уставните измени“. Судијката Кацарска го прекина и го опомена Михаловски.

Претходно, пратеникот Љубен Арнаудов, обвинет за случувањата од 27 април во Собранието, на влегување во судот, изјави дека не смета оти некој е предавник и дека не знае кој стои за вчерашното писмо. Истакна дека не е точно дека имале закани и дека примиле пари.

– Ништо не е ветувано за случајот 27 април и затоа не сакам да давам никакви информации. Доаѓаме тука да докажеме дека сме невини, изјави Арнаудов.

Тој додаде дека нема да се меша во судските одлуки. – Верувам во судот и тоа што ќе го донесе како одлука ќе го почитуваме и ќе ги користиме сите правни лекови, потенцира Арнаудов, кој посочи дека го обезбедува полицијата по службена должност.

Обвинетиот Богдан Илиевски – Бетмен, пак, прашан пред почетокот на денешното рочиште, дали се чувствува предаден, посочи само „сите ние сме браќа“.

Денешното рочиште е прво по пуштањето од домашен притвор на тројцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов и нивното гласање за уставните измени во петокот во Собранието.

Во судот денеска се сите обвинети за „27 април“, а во судницата се прегледуваат видеоснимките од собраниските камери.

Првата снимка е од пленарната седница од 27 април, видео запис од Собранискиот канал. Обвинителите ја предложиле снимката поради говорот на Илија Димовски, бидејќи се поклопувал со говорите на Богдан Илиевски и Борис Дамовски кои во истиот моментот биле пред Собранието.

Крсто Мукоски на снимката од собраниската седница се гледа како ја пее химната…, потоа во неговото обраќање вели „дали после ова треба да се прави инцидент” и повикува на избори. Потоа Мукоски почнува со друга песна „едно име имаме”, а пратениците од СДСМ викаат „Шутка не ти бега Никола”… Обвинителката Волма Рускоска бараше да се констатира делот каде што Мукоски му се обраќа на Заев и му вели дека одговореноста ќе биде негова за сите случувања. На снимката се гледа и како Зекирија Ибрахими ја пее албанската химна и потоа Трајко Вељаноски ја прекинува седницата. Следна снимка е од камера од Стопанска банка каде се гледа како од кафе барот „Дион“ излегуваат две непознати лица, едното облечено во темни пантолони и портокалова маица, а потоа едниот од нив се враќа назад во барот. На друга снимка се гледа како лицето со портокалова маица разговара со повеќе лица пред „Дион“ околу 16:40 часот. Се гледа како едно лице во кеса носи нешто на терасата на „Дион“, а претходно разговараше со лицето со портокалова маица.

За случајот „27 април“ на Основното јавно обвинителство обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски