На патот кон признавање и осамостојување на Македонската православна црква

ПРВИОТ ЧЕКОР ВО ИЗДЕГЛАВЈЕ

 ПРВИОТ ЧЕКОР ВО ИЗДЕГЛАВЈЕ

На 21 октомври 1943 година  во штотуку ослободената Дебарца се одржа првиот собор на македонското православно свештенство на слободна територија на Македонија. 

 

На намерникот што се упатил кон Охрид преку општина Дебарца, речиси и неможе да му се случи на една од крајпатните табли да не го забележи името на селото Издеглавје. Но, малкумина знаат за настанот што се случил во селото, поточно во куќата на Јонче Николовски, на 21 октомври 1943 година и кој сосема ја обезвредни фашистичката пропаганда, според која комунистичките безверници ги беселе, ги убивале и ги малтретирале свештениците, ги уривале и ги поганеле црквите на сопствениот народ.

Во сè уште тешките и несредени услови на штотуку ослободената Дебарца, во Издеглавје, се одржал Првиот собор на македонското православно свештенство на слободната територија, на кој присуствувале тринаесеттина свештеници и претставници на повеќе народноослободителни одбори. Иницијатор за свикување на соборот било Верското поверенство при Главниот штаб на НОВ  и ПОМ, формирано десетина дена пред тоа.

Пред да кажеме малку повеќе за значењето на соборот во Издеглавје и за одлуката на Главниот штаб за формирање на Верското поверенство, само накусо да потсетиме на заедничкото бреме на ропските страдања и на денационалиторската политика што подеднакво го чуствувале народот  и чесното народно свештенство во годините на фашистичката окупација, како и на условите во кои дојде до тие настани.

 

 

 Крстот како оружје

Откако по распаѓањето на кралството Југославија, речиси истовремено, се распаднала и Српската православна црква во Македонија, црковната власт во источна Македонија ја превзеле бугарските фашистички окупатори, формирајќи своја  егзархиска организација, воведувајќи го во црквите, како во администрацијата, така и во проповедите, бугарскиот јазик како задолжителен. На сите функции и во сите поважни места на Македонија, Егзархијата обезбедила дури 280 одбрани мисионери од „старите предели“.  Со привилигиран статус и со богато стумулирање во материјален поглед, тие требало доследно да ја спроведуваат  денационализаторската политика што ѝ ја доверила државата на црквата. „Неблагонадежните“ домородни свештеници биле разместени по пасивните парохии или далеку од местата на дотогашното службување, а помошта или симпатиите за НОБ повлекувале драстични репресии и за свештенството.

Колкава надеж полагала во својот потег Егзархијата, сведочи и повикот кон „благонадежните“ свештеници, во кој меѓудругото, се вели: „Ние со крст можеме да го постигнеме она што со други средства неможе да се постигне. Имено да го разрешиме националното прашање во Македонија во полза на Бугарија“. Истовремено, тоа покажува и во колкава мера Егзархијата и нејзиниот апарат во Македонија биле вклучени во борбата против Народноослободителното движење на македонскиот народ. Западниот дел од Македонија, што го окупирала Италија, како што е познато, административно им било предоставен на албанските фашистички квинслинзи. Албанската црква спровела реорганизација на црквите во тој дел од Македонија, а во рамките на општата политика од неа се барало да превземи мерки што ќе ја поддржеле и зацврстеле италијанско-албанската власт и денационализација на народот. Сите превземени мерки на Албанската црква не придонесле за нејзиното влијание, пред сè, поради отпорот на народот против окупаторите , кој особено бил нечовечен во однос на немуслиманското население. На народниот отпор, кој, меѓу другото, се должело и на неразбирањето на јазикот, му се придружил и отпорот на свештенството. Благодарение на тоа, како јазикот, така и целокупниот црковен живот што го воделе домородните свештеници во македонските цркви не примил никакво влијание Албанската црква. Разгорувањето на вооруженото востание и неговото спонтано ширење во западна Македонија, сосема ги истиснало и последните форми и обиди на Албанската црква во Македонија.

Заедничка судбина

Со почетокот на вооруженото востание во октомври 1941 година, се отворила најзначајната страница од новата историја на македонскиот народ. Најнапредните негови синови предводени од Комунистичката партија, влегле во непоштедната борба за осамостојување од фашистичката чизма, која го најавила пресудниот револуционерен пресврт што довел до национална самобитност и до конституирање на државноста на македонскиот народ.

Свеста за грандиозноста  на битката што се водела, навлегла во сите структури на македонското општество, а надвор од овој процес, не останале и бројните свештенички кадри.

  • На еден или друг начин, преку редовните отпори кон окупаторските државни и црковни власти, до најдирекно учество во народната револуција, најнапредните македонски свештеници активно се определија за НОБ. Црквите, особено манастирите, како во минатото, така и во НОБ, станаа сигурни засолништа и бази на НОД и на народните борци. А, свештениците од амвонот и на друг начин го упатуваа народот на подршка и помош на НОБ,

пишува Доне Илиевски во книгата „Автокефалноста на МПЦ“.

 

Формирање на Верското поверенство

Кога во најголемата жештина на борбата, особено по капитулацијата на Италија, Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија пристапил кон организирање на првите народноослободителни одбори, првите органи на новата револуционерна власт, во западна Македонија, активно учество зеле и свештениците. По создавањето на првата слободна партизанска територија во Дебарца , Охридско, меѓу другите мерки за организирање на општесвениот живот биле превземени и такви што значеле средување и на црковните состојби и на верскиот живот. Веќе рековме дека Главниот штаб на НОВ и ПОМ, чие седиште било во селото Црвена вода, Охридско, донело одлука за формирање на Верското поверенство, набрзо потоа командантот на Главниот штаб за прв верски референт го назначил свештеникот Вељо Т. Манчевски од Дебар. Со истата наредба, сите негови одлуки и решенија биле прогласени за задолжителни за целото свештенство и за црковните општини на ослободената територија. Со тоа, практично, за македонското православно свештенство престанала секаква туѓа црковна јурисдикција. Или, како што истакнал прота Нестор Поповски, претседател на Сојузот на здруженија на македонските православни свештеници: со спомнатите одлуки на револуционерните органи почнува почетокот на решавањето на македонското црковно прашање на македонска основа и почеток на крајотод вековната борба на македонскиот православен народ  да си ја врати својата слободна православна црква. Уште еднаш народот и црквата ја споделуваат заедничката судбина.

Што се случуваше во Издеглавје?

На Првиот свештенички собор на ослободената партизанска територија, со чија работа раководел верскиот референт, свештеникот Вељо Манчевски, покрај одлуките што се однесуваат на организацијата на црковната управа и на вршењето на службата на свештениците, биле донесени и одлуки и заклучоци и за учеството на свештенството и на верниците во НОБ, за обнова на Охридската архиепископија и за создавање на Македонска православна црква. така, сето православно свештенство од Македонија, а посебно од Дебарца, се повикало да стапи во редовите на партизанската војска, да се вклучи во нејзиното помагање со оружје, храна, облека и друго; да откаже каква и да е соработка со окупаторот и со неговите слуги; да работи со своите верници за обнова на Охридската архиепископија и за создавање на слободна МПЦ, на чело со избрани архиереи  од средината на македонскиот народ; во сите цркви и манастири да се воведе македонскиот јазик и проповедите да се извршуваат на тој јазик; да се изградуваат здрави односи со луѓето од муслиманска народност ориентирани кон НОБ.

Исто така, на Соборот било истакнато дека партизанските единици и народноослободителната војска на Македонија не водат борба против верата и верниците, туку против  окупаторот и домашните предавници и дека македонското свештенство и верниците никогаш до тогаш не биле така слободни во проповедта, служењето и извршувањето на верската слобода, дека свештенството никогаш до тогаш не било толку блиску до својот народ и народот до него, како на слободната територија во Дебарца.

 

 

Со еден збор, како што забележал Доне Илиевски, според составот, карактерот и според донесените акти, Свештеничкото собрание од 1943 година во новата историја на Македонската православна црква со право се зема како основа врз која единствено може да се решава македонското црковно прашање. Неговите акти се и првите документи на патот кон конечното осамостојивање на Македонската православна црква.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

На овие непобитни факти Издеглавје ќе се потсети овие денови, кога ќе биде домаќин на јубилејната прослава по повод 75 годишнината од одржувањето на Првиот собор на македонското православно свештенство на слободната територија во Дебарца.