Димитров му посака успех на Коѕијас и вети посветеност за заокружување на историското решение

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров му посака усех на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој вчера поднесе оставка и вети посветеност на процесот на заокружувањето на Договорот од Преспа.

– Предводени од премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, со министерот за надворешни работи Коѕијас имавме интензивни месеци на комуникација, станавме вистински пријатели и во период од една година успеавме да направиме нешто кое во претходните 27 години се сметаше за невозможно –  ги приближивме нашите две земји и го склучивме историскиот договор од Преспа, градејќи мост на пријателство и докажувајќи дека и нашиот регион може да решава спорови и да создава иднина, се наведува во пишаната изјава на шефот на македонската дипломатија.

– Никос, од срце ти посакувам добро здравје и успех во сите идни предизвици. Од наша страна, ние ќе продолжиме со силна посветеност кон заокружување на ова историско решение, заедно со останатите прогресивни и демократски сили во Скопје и Атина, додаде Димитров.