Претставници на филмски асоцијации се сретнаа со министерот за култура Адеми

Претставници на асоцијациите на филмски професионалци и ТВ соработници на Македонија (АФПМ), на филмски дистрибутери на Македонија и на Здружението на филмски продуценти на Македонија, вчера се сретнаа со министерот за култура Асаф Адеми.

Од Асоцијација на филмски професионалци и ТВ соработници соопштија дека на средбата која се одржала во просториите на Министерството, било разговарано за состојбите во филмската дејност и културата, а биле отворени повеќе прашања за клучни проблеми со кои се соочуваат филмските професионалци, продуценти и дистрибутерите.

Како меѓународно признати асоцијации и здруженија кои ги застапуваат правата на филмските професионалци, дистрибутери и продуценти во Република Македонија, претставниците побарале од министерот Адеми нивно вклучување во креирањето на културните политики во државата.

Главен акцент бил ставен на најавениот нов Закон за филм, кој го изготвува и предлага Министерството култура, кој треба да ги одразува барањата на една нова културна политика на сите чинители во културата и надминување на клиентелизмот и партизацијата присутни во минатото.

Претставниците побарале во предлогот да се вградат и предлози и сугестии од асоцијациите, за да овозможи подобро функционирање на филмската дејност. Заедничка констатација на преставниците на асоцијациите и на Министерството за култура била дека тие треба да се вклучат како рамноправен партнер со сите чинители кои придонесуваат во развојот на филм.