Грчки медиуми: Коѕијас се заканил со оставка на вчерашната седница на грчката Влада

Поради тоа што не добил доволна поддршка од грчкиот премиер во кавгата со Каменос за време на вчерашната владина седница, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас се заканил дека ќе си поднесе оставка. Ова, повикувајќи се на свои информации, го објавија дел од грчките медиуми.

Несогласувањата меѓу двајцата министри Каменос и Коѕијас, како што вчера објави МИА, прераснале во жолчна расправија. Според грчките медиуми, од една страна поради ставовите на помалиот коалициски партнер во владата во однос на Договорот од Преспа и надворешната политика, а од друга страна, атмосферата се вжештила и кога Каменос ги споменал тајните фондови во грчкото МНР.

– Според информациите, министерот за надворешни работи се чини дека ја разгледува дури и можноста за поднесување оставка, бидејќи смета дека во конфронтацијата со министерот за одбрана, немаше доволна покриеност од Алексис Ципрас, пишува грчкиот весник „Та неа“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, истата информација ја објавија и голем дел други грчки медиуми, додека, пак, кавгата меѓу Каменос и Коѕијас се најде на насловните страници на денешните изданија на весниците, но беше и главна тема во синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии.

Весникот „Та неа“, во денешното издание пишува дека инцидентот почнал кога збор земал Каменос и рекол дека во програмата на коалициската влада на СИРИЗА и Независни Грци имало договор дека прашањето за името во грчкиот Парламент ќе дојде по изборите, „иако Ципрас ми рече дека Договорот од Преспа е избор на владата“.

Според истите извори, Никос Коѕијас вознемирен побара збор и заради споменување на фондовите во МНР од страна на Каменос. Според членовите на министерскиот совет, директно го обвини Каменос дека „се обидува да води надворешна политика на товар на владата и на земјата“, пишува „Та неа“.

Дел од медиумите во Грција, денес објавија дел и дијалозите меѓу Каменос и Коѕијас. Според информативниот портал „Ин“, разговорот бил следниот:

Каменос: Го задржувам мислењето за името на ПЈРМ. Нема да се вклучам во обидот за буткање на владата.

Коѕијас:  Се трудиш да водиш надворешна политика на товар на владата и на земјата за да им служиш на свои политички и лични стремежи!

Каменос: Имаше потврда од страна на Министерството за надворешни работи дека скопското прашање ќе дојде во парламентот по изборите…

Коѕијас: Немаше такво нешто. Чекорите што беа направени беа одобрени од премиерот и од надлежните органи. Можеби си пропуштил некои владини седници.

Каменос: Ги имаме разјаснето нашата позиција и нашиот став. Не е лажен како на Мицотакис. Мојата процена е дека Договорот нема да дојде во парламентот затоа што нема да заврши процесот во Скопје. Во секој случај нема да се идентификуваме со Нова демократија во обидот да се турне владата.

Ципрас: Договорот е на владата, не на Министерството за надворешни работи.

Според дел од медиумите во Грција, несогласувањата и кавгата меѓу Каменос и Коѕијас продолжиле и околу фондовите во грчкото МНР.