Собранието втор ден расправа за предлогот за уставни измени

Собранието на Република Македонија денеска ја продолжи расправата по Предлогот за пристапување кон уставните измени.

На денешното второ продолжение, пратеничката Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ се изјасни дека ќе гласа „за“ бидејќи според неа со донесувањето на ваквата одлука се отвара патот кон НАТО и ЕУ, патот кон стабилноста и просперитетот, патот кон којшто се стремат идните генерации.

Во текот на вчерашниот ден власта и опозицијата останаа на своите спротиставени ставови.

Парламентарното мнозинство повика на одговорност и заедништво и посочи дека подобар договор од овој не може да има и доколку тој се отфрли, тогаш на државата и се заканува изолација. Опозицијата, пак, посочи дека Договорот од Преспа е штетен, противуставен и политички мртов.

На почетокот на седницата премиерот Зоран Заев ги повика на помирување за 27 април и ги повика пратениците да гласаат за уставните измени.