Во Охрид Меѓународна конференција за феноменот со борците повратници од светските воени жаришта

Најдобрите практики во справување со насилниот екстремизам и радикализацијата кои водат кон тероризам (ВЕРЛТ), особено предизвикот на странските борци – повратници е фокусот на тридневната Меѓународна конференција што во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје од денеска се одржува во Охрид.

На собирот што се одржува со поддршка на македонското МВР учествуваат домашни и меѓународни експерти од регионот, како и од Австрија, Унгарија, Романија, Словенија и Турција.

– Делата на тероризам, радикализација до насилен екстремизам и феноменот на странските борци – повратници се интернационални предизвици за институциите кои го спроведуваат законот, истакна шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која во неговото обраќање пред учесниците на конференцијата.

Притоа тој го посочи како исклучително важен „севкупен општествен“ пристап при соочувањето со таквите предизвици, во вклученост на власта, локалните самоуправи, граѓанското општество и заедниците.

– Работата во нашите заедници на локално ниво е суштинска и ние се надеваме дека оваа конференција ќе овозможи да се продре во менаџментот на кризните ситуации предизвикани од насилен екстремизам и да го охрабриме и поддржиме мултистраниот пристап во справување со овие ситуации, додаде Која.

Заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу нагласи дека феноменот на странските борци со својата специфичност денес е главен приоритет на агендата на меѓународната заедница и претставува вистински предизвик како за меѓународните, така и за националните закони.

– Оваа релативно актуелна појава во нашиот регион и пошироко заслужува значително внимание, и јас верувам дека оваа интернационална конференција е одлична можност да се види целата слика, рече Нухиу.

Мисијата на ОБСЕ активно ги поддржа активностите на македонската Влада кон поготовките за изработка на Националната стратегија за борба против тероризмот и борба против насилниот екстремизам, како и за конкретните Акциски планови. Мисијата ја поддржува имплементацијата на плановите преку организирање на обуки и интернационални конференции како оваа, како и преку јавни настани на локално ниво.