На три дена пат од Ерусалим се наоѓал малиот град Назарет. Таму живееле праведните Јоаким и Ана, наречени од Светата Црква „богоотци”. Јоаким потекнувал од Давидовиот род, а света Ана од родот на Аарон. Биле многу дарежливи, милосрдни. За себе задржувале само една третина од доходот. Втората третина и ја давале на црквата, а третата – на сиромашните.
Секојдневната жалост го затемнувала животот на тие добри луѓе, бидејќи немале деца. Кај Израелците тоа било голема несреќа, бидејќи бесчедните родители немале надеж дека од нив може да потекне очекуваниот Месија. На еден голем празник Јоаким дошол со своите роднини во Ерусалимскиот храм. Сакал да му принесе жртва на Бога.
Храмот бил преполн со народ. Јоаким запрел пред првосвештеникот и му открил што сака. Првосвештеникот го прекорил бидејќи заради гревовите Господ не го благословил со деца. Во таква состојба тој не бил достоен да принесе жртва.
Јоаким зажалил многу, излегол од храмот и се утешувал со безбројните добри дела што им ги направил Господ на Израелците. По извесно време жалоста нараснала толку многу што тој не можел да се врати дома. Отишол во пустината каде што пасело неговото стадо. Таму минал во молитви и строго постење четириесет дена. Се молел покајнички Господ да се смилостиви над него, да направи чудо и тој да добие пород, како што некогаш Аврам станал татко во напреднати години.
Веста за жалоста на Јоаким во Ерусалим стигнала до Назарет до Ана. Таа зажалила повеќе од Јоакима. Таа се сметала лично за причина на бесчедноста. И како што направил мажот ù и таа почнала да му се моли искрено на Бога да ја благослови со рожба. Еднаш, кога работела во градината видела во гранките на едно лаворово дрво гнездо со мали птички. Сликата на среќното гнездо и причинила уште поголема жалост.
– Само јас, Господе – си рекла самата со солзи во очите – сум мртва и безживотна. Целата природа те прославува со своите плодови. Сите им се радуваат на своите деца. Само јас сум бездетна како безводна пустина. Господе, Господе, Ти ù подари на Сара на старост син. Послушај ме и мене, и јас ќе ти го принесам моето дете како дар, за да биде благословено во него твојата милосрдност!
Ерусалим
Ана ја вложила во оваа молитва целата своја душа. И еве, Господовиот ангел застанал пред неа и и рекол:
– Ана, Ана, твојата молитва е чуена. Твоите воздишки ги надминаа облаците. Твоите солзи капнаа пред Господа. Ти ќе родиш благословена ќерка, заради која ќе бидат благословени сите човечки родови. Преку неа ќе дојде спас за целиот свет. Ќе ја наречете Марија.
Ана дала ветување дека роденото дете ќе му го даде во служба на Бога. Пред да ја подели својата радост со мажот си, таа отишла во Ерусалимскиот храм за да му заблагодари на Бога и таму го повтори своето ветување. Во тоа време Господовиот ангел му се јавил на Јоаким во пустината и му рекол:
– Бог ја слушна твојата молитва. Жена ти Ана ќе роди ќерка која ќе биде
ваша општа радост. За да се увериш во твоите зборови, оди во Ерусалим. Таму до златната врата ќе ја најдеш жена ти, на која ù е кажана радосната вест. Среќните сопружници се сретнале во Ерусалим. Си раскажале за појавувањето на ангелот и заеднички му принеле жртва на Бога.
На 9 декември Православната црква го празнува зачнувањето на Ана. Тоа е денот кога Дева Марија била зачната во стомакот на Ана. Девет месеци потоа, на 8 септември, се родила пречистата Дева. Кога малата Марија завршила три години, идната пресвета Мајка на Божјиот син, Господ Исус Христос, била доведена во Ерусалимскиот храм. Тогаш родителите го исполниле ветувањето, ја предале единствената рожба во служба на Бога.
Јоаким, Марија и Ана
Во тоа време во храмот живееле во мали келии мажи, жени, девици, кои му се посветиле целосно на Бога и таму воделе чист, богоугоден живот. Тие биле првообрази на идните христијански монаси и монахињи.
Во едно свечено празнување Ана се приближила кон храмот со своето дете. Во рацете на девојките, кои ја придружувале Марија, како и во рацете на другите присутни, гореле свеќи. Во пресрет на Јоаким и Ана излегле свештениците, на чело со првосвештеникот. Ана ја поставила ќерка си Марија на првата скала од храмот, кој имал 15 високи скалила. И се случило големо чудо. Од никого не водена, од никого не поткрепена, дева Марија ги искачила лесно и праволинејно сите скали.
Сите присутни се зачудиле. Малата Марија била оставена, како и другите девици да живее во храмот. Таа се откажала од родителите и му се посветила на Бога. Татко ù Јоаким починал на 80 години. Ана останала сама и се преселила од Назарет во Ерусалим. Се населила во куќа близу до ќерка си. Постојано се молела во храмот сé до својата смрт.
Така, во нежна возраст била ветена да ја претрпи жалоста на сиромашните и, како последица, со блажена радост го прифатила долгот да го лекува сиромаштвото на сите осамени, напуштени луѓе, да стане мајка утешителка и заштитница на сите сираци.
Затоа на секоја богослужба се прославува пресветата дева Марија, која се удостои да биде Мајка на нашиот спасител Господ Исус Христос. Се споменуваат со почит и нејзините родители Јоаким и Ана.
На празникот Раѓање на Богородица се пеат повеќе црковни песни, меѓу кои и тропарот:
„Раѓањето твое, Богородице Дево, му донесе радост на целиот свет, зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос, нашиот Бог, којшто ја разврза клетвата, даде благослов и ја уништи смртта, ни подари вечен живот.”
Продолжува
Пишуваат:
Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВКА-АНТИЌ и
СЛАВЕ КАТИН