Државниот секретар Виктор Димовски на Самитот на Меѓународната организација на Франкофонијата во Ереван

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски ја предводи делегацијата на Република Македонија која учествува на 17. Самит на Меѓунароната организација на Франкофонијата, кој вчера и денеска се се одржува во Ереван.

Самитот се одржува под мотото „Да се живее заедно во солидарност, споделување на хуманите вредности и почитување на различностите – извор на мир и просперитет во франкофонскиот простор”.

На него учествуваат шефови на држави и влади и претставници на министерства за надворешни работи на 84 земји од сите континенти во кои се говори и користи францускиот јазик.

Димовски во Ереван оствари средба со шефот на романската делегација, заменик-премиерот за стратешки партнерства Ана Бирхал, на која беа разменети мислења за актуелните состојби во регионот и можностите за натамошно унапредување на билатералната соработка, соопшти МНР.

Од романска страна беше изразена целосна подршка за европската и евроатлантската агенда на нашата земја со очекување дека пристапните преговори на нашата земја ќе отпочнат во првата половина на следната година за време на романското претседателство со ЕУ.

Димовски имаше средба со министерот за надворешни работи на Ерменија, Зохраб Мнатсаканјан со кој беше разговарано за можноста и модалитетите за воспоставување на дипломатски односи меѓу Република Македонија и Ерменија.

Беа разменети мислења и за приоритетите и реформските агенди на двете влади, како и за развојот на настаните во кавкаскиот регион и Југоисточна Европа.