Светска банка: Ако Македонија преземе мерки сега, децата би биле поздрави и попродуктивни

Индексот на човечкиот капитал (ИЧК) на Македонија е понизок отколку просекот на регионот и група на приходи. Децата во Македонија, додека наполнат 18 години се очекува да завршат 11,2 години од предучилишно, основно и средно образование. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 6,8 години што значи дека има јаз во учењето од 4,4 години, покажува најновото истражување на Светска банка, објавено денеска.

Според истражувањето, ИЧК укажува дека дете родено денес во Македонија кога ќе порасне ќе биде продуктивно 53 проценти од она што би можело да биде ако имало целосно образование и било целосно здраво.

Во Македонија, ИЧК кај девојчињата е повисок отколку кај момчињата, односно изнесува 0,55 во споредба со 0,52 на скала од 0 до 1.

– Вредноста на индексот, особено вредноста на образовните показатели укажуваат на итно преземање мерки. Се чини дека досегашните реформи не го трансформирале образовниот систем доволно за да им помогне на мнозинството ученици да ги достигнат барем основните знаења, вели директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели.

Тој смета дека темелна анализа на податоците од Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) треба да е првиот чекор за можните активности во јавните политики и реформи кои се навистина насочени кон подобрувањето на образованието во Македонија.

– Важно е земјата и понатаму да учествува во меѓународните оценувања од голем обем за следење на квалитетот на образовниот систем, потенцира Мантованели.

Во моментов, Светска банка ги поддржува напорите на Македонија за зајакнување на техничкото средно стручно образование и обука и високото образование преку Проектот за развој на вештините и поддршка на иновациите (со кредит во износ од 24 милиони долари). Целта е да се подобри транспарентноста на распределбата на ресурсите и да се унапреди отчетноста во високото образование, да се подобри релевантноста на средното техничко стручно образование, како и да се поддржат капацитетите за иновации во Македонија.

Светската банка исто така ја поддржува Македонија во насока на подобрување на пристапот до квалитетно рано детско образование и детска нега за сите деца, особено за децата од социјално ранливите групи, преку Проектот за подобрување на социјалните услуги (кредит од 34,6 милиони долари). Со овој проект ќе се подобри подготвеноста за училиште, што е од витално значење за доживотниот развој на вештините и зајакнување на конкурентноста на економијата на земјата на долг рок.