Сега е време сите што се за НАТО и ЕУ да ги поддржат измените и заедно, исклучиво заедно да ја однесеме Македонија напред, порача денеска премиерот Зоран Заев на седницата на собраниската Комисија за уставни измени на која на дневен ред е Предлогот за пристапување на измени на Уставот во согласност со Договорот од Преспа.
Заев, образложувајќи го предлогот на Владата, истакна дека од досегашниот увид и реакциите на јавноста нема ништо спорно во предлогот за уставни измени, што по одлуката на Владата веднаш беше објавен, повикувајќи ги пратениците да се обединат околу стратешките цели на земјата. За стручната и експертска јавност, рече тој, измените се согласно меѓународните стандарди.
– Оваа иницијатива се покренува во согласност со законите и институционалните постапки за уставнби измени, рече Заев кој потенцираше дека пратениците се тие кои треба да ја одредат иднината на граѓаните кон НАТО и ЕУ и дека треба да се изјаснат по свое убедување и согласно волјата на граѓаните без да подлегнуваат на никаков притисок, рече Заев.
Со решението на спорот со Грција, посочи, изградено е пријателство меѓу двете земји, а надминат е и дведецениски спор со што земјата се извлекува од изолацијата и се отвораат евроатлантските перспективи.
– Вашата одлука ќе ја испрати во историјата времената референца ФИРОМ. Придобивката е бесценета – зајакнат идентитет и гаранција за безбедност, стабилност, гарантиран економски развој и просперитѕетна иднина на сите наши граѓани. Македонскиот идентитет е заштитен за век и векопв. Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во ОН – macedoian, без фусноти, признанен и прифатен и од нашиот јужен сосед Репубила Грција. Нашиот влог во компромисот е дефинирање на презизирано македонско име за нашата држава, кое е достоинствено и географски прецизирано – Република Северна Македонија, рече Заев.
Потсети дека првите чекори се веќе направени со ратификацијата на Договорот во македонскиот Парламент и писмото кое следеше од грчка страна до Европскиот совет дека се отстранети пречките да добиеме датум за преговори, по што го добивме, како и поканата за членство во НАТО на самитот во јули.
– Во јануари не очекува столчето во Советот на НАТО веднаш откако ќе го потпишеме пристапниот протокол. За да го потпишеме ни треба спроведување на иницијативата за уставни измени во Собранието. Со тоа ќе ја оствариме една од највисоките стратешки цели на Македонија од независноста и ќе води кон наше членество во ЕУ, рече Заев.
Ова прашање, рече, не е лесно но на него се препознава лидерството и порача дека интеграцијата во НАТО и ЕУ не може да биде попречена од каква било закана или обид за зплашувања, поткуп и сл.
– Сега е време сите што се за НАТО и ЕУ да ги поддржат измените и заедно, исклучиво заедно да ја однесеме Македонија напред. Сега е време да ја потврдиме заедно одлуката од 1993 година според која членството во ЕУ и НАТО се наши заеднчкии и врвни стратешки прироритети. сега е време да се ефектуира декларацијата за члнество во НАТО што ова Собрание ја донесе во јули, годинава, со која пратениците покажаа дека е тоа врвен надпартиски интерес и дека за тоа прашање постои највисок граѓанаски и меѓуетнички и политички консензус. Сега сите пратеници без оглед на која партијата и припаѓаат имаат историска должност и обврска пред граѓаните да го обезбедат патот кон ставбилност безбедност и економски проспритет а тоа е патот кон ЕУ и НАТО кој води преку македонско-грчкиот договор, рече премиерот Заев.
Македонија нема веќе генерации за губење, истакна премиерот и ги повика пратениците да се одважат, да го следат интересот на граѓаните и да ја прифатат историската можност, односно да донесат силна одлука што ќе ја поведа земјата напред.
Во текот на дебата Трајко Вељаноски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Собранието му порача на премиерот Заев дека нема двотретинско мнозинство за уставни измени и дека менувањето на Уставот е спротивно на мнозинската волја на народот.
– Немам мандат ниту намера да учествувам во обидите за менување на Уставот. Досега сами го водевте процесот кој народот го запечати со референдумски неуспех, продолжете во благопријатна атмосфера, но знајте дека немате двотретинско мнозинство за менување на Уставот, рече Вељаноски.
Според него, договорот со Грција е незаконски, нелегален и противуставен, наметнат и склучен набрзина без потпис од Претседателот на државата и се уште не е објавен во „Службен весник“.
Вељаноски смета дека еден потесен круг во Владата решила да се занимава со менување на Уставот и да го претстави како прашање за национален консензус, посочувајќи дека во изминатитот период во врска со ова прашање не биле консултирани ниту граѓаните, ниту партиите, ниту пратениците, ниту претседателот на државата што, вели, доведе до дополнителна поделба на граѓаните.
Пратеничката Соња Мираковска од НСДП истакна дека ќе ги поддржи уставните измени и ги повика своите колеги од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да го сторат истото.
Според неа, со договорот од Грција нашиот идентитет силно се поддржува и доколку не се промени нешто, нашиот идентитет ќе биде уште поранлив, посочувајќи на информациите дека се повеќе наши граѓани бараат туѓи пасоши што значи менување на идентитет на цели семејства. Со зајакнување на идентитетот, истакна Мираковска, се зајакнува и државноста.
Во репликите на говорот на Мираковска, пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека Договорот од Преспа е мртов, дека власта ги толкува резултатите од референдумот како сака без да го почитува Законот и дека никој нема право да оди против волјата на граѓаните.
Седницата на собраниската Комисија за уставни прашања ќе продолжи во 15 часот.