Во процесот на набљудување на работата на полицијата за време на изборните циклуси да бидат вклучени и невладините организации, порепорачува Форумот за истражување и безбедносни политики „Секуритас“ во своето истражување за постапувањето на полицијата за време на локалните избори оваа година.
Истражувањето опфаќа пет фази од моментот на распишувањето на изборите од страна на претседателот на Собранието, Талат Џафери на 6 август до постизборниот период по 15 октомври, при што се опфатени распишувањето, двете предизборни кампањи, изборните молкови за двата круга, затворањето на избирачките места до објавувањето на конечните резултати и постизборниот период.
– Со цел зајакнување на контролата и надзорот на полициското постапување од голема важност е континуиран набљудувачки процес на постапувањето на полицијата за време на изборните циклуси од страна на организациите од граѓанскиот сектор. Заради зголемување на граѓанската контрола во полициското постапување потребно е во Оперативниот штаб формиран за обезбедување на изборниот процес активно да учествуваат и претставници на НВО-секторот, нагласи Пецо Трајкоски, претседател на Секуритас.
Појасни дека истражувањето е спроведено за да се добие појасна слика за полициската работа, особено поради случувањата со постапувањето на полицијата изминатите години во земјата и го оцени како пионерски зафат, со оглед на тоа што е прво од ваков вид, реализирано од граѓанскиот сектор.
– Отворена граѓанска надворешна контрола и надзор на полициското постапување треба да има не само за време на изборите, туку тоа треба да се случува во континуитет. Вратата на МВР треба да биде отворена, секако доколку нашите прашања не претставуваат загрозување на безбедноста на државата, рече Трајкоски.
Истражувачите им препорачаа на МВР да ги зајакне капацитетите и ресурсите со цел полесно справување со изборните ризици и закани во иднина и соодветни законски измени и дополнување во врска со полициското постапување за време на изборни процеси.
Потребна и зајакната соработка на полицијата со сите партиски штабови регистрирани на нивните подрачја, преку лица за контакт, заради следење на сите нивни партиски активности, навремено изготвување планови за обезбедување и изработка на проценки од ризикот за време на одржувањето на партиските изборни собири.
Во анализата се препорачува и зголемено присуство на полициските службеници пред и околу гласачите места во текот на изборниот ден со оглед на тоа што на овие избори биле забележани обиди за поткуп на гласачите околу избирачките места, како и забрана на собирите за славење по завршувањето на изборите и објавувањето на првичните резултати се до објавување на конечните резултати од страна на ДИК.
Татјана Калајџиска, од МВР, истакна дека Одделот постапувал во пет пријавени случаи за незаконско и непрофесионално однесување од страна на полициски службеници на денот на изборите. Во три од нив, како што рече, пријавите биле неосновани, во еден немало доволно докази за прифаќање или отфрлање, а во еден случај наводите биле основани и против полицискиот службеник се води дисциплинска постапка.