Законот за амнестија го помина првото читање во Комисијата за политички систем

Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска го усвоија Предлог-законот за амнестија во прво читање, а ги прифатија и измените и дополнувањата на неколку закони што се однесуваат на администрацијата.

Со Предлог-законот за амнестија се опфаќаат група лица осудени на казна затвор до шест месеци односно кои сториле лесни кривични дела, а за останатите затвореници е предвидено намалување на вкупната казна за 30 отсто освен за дела кои се изземени од амнестија.

Со предложениот текст на закон, како што објасни заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на убиство, за кривични дела против избори и гласање, против половата слобода и половиот морал  за кривични дела против државата, против јавниот ред и за кривични дела против човечноста и меѓународното право.

Со овој Закон се очекува да бидат ослободени од издржување казна затвор приближно 670 правосилно осудени лица на казна затвор до шест месеци, а на 3.907 лица ќе им биде намалена казната за 30 проценти.

Пратеникот на ДУИ, Реџел Исмаили посочи дека за прашањето за амнестија се разговарало исто така и во претходниот парламентарен состав и оти тоа е на некој начин граѓанска иницијатива. Побара одговор дали има простор да се интервенира во Предлог-законот и со него наместо да бидат опфатени лица осудени на казна затвор до шест месеци, тоа да важи за лица со законски казни до една година и евентуално да се зголеми и процентот на намалување на вкупната казна.

Според пратеникот Сашко Костов од СДСМ, треба да се разгледаат можностите за интервенција во Законот. Посочи на случајот „Детонатор“ кога беа уапсени 17 момчиња од  кочанскиот регион и кои веќе се правосилно осудени. Смета дека  треба да се разгледаат сите можности на овие лица да им се излезе во пресрет.

Костадин Ацевски пак, исто така од СДСМ, смета дека опфатот на законот е добар и оти со него не смее да се наруши функционирањето на правосудниот систем. Доколку е оценето дека неправилно некој лежи во затвор, тоа треба да се решава на многу посуштински начин, смета Ацевски.

На натамошно читање беа дадени и измените на Законот за административни службеници, на Законот за управна инспекција, на Законот за инспекциски надзор и на Законот за архивски материјал.

Министерот за информатичко општество и администрација  Дамјан Манчевски рече дека во  Законот за административни службеници се прават мали измени, но најави дека во јануари  следната година ќе биде објавена уште една верзија на Стратегијата за јавната администрација и оти до крајот на следната година по поширока дебата би можело да се очекуваат и други измени на законите за администрацијата.

Една од измените се однесува  на укинување на барањето за сертификатите за странски јазици што треба да ги поседуваат вработените во државната администрација.

Државата, како што посочи Манчевски, ќе организира соодветни тестирања за вработените во администрацијата. Оценувањето на администрацијата ќе остане, но се укинуваат казните.

Според Манчевски, не се пополнети над 40 проценти од раководителските позиции, а има превработеност во пониските ешалони. Раководните места во администрацијата, смета министерот, треба да се пополнат со постоечкиот кадар.

Пратеничката Соња Мираковска од НСДП смета дека овие измени само ќе стават во функција луѓе кои долго време работеле во администрацијата  и ја чекале својата шанса додека пак дел од пратениците од СДСМ сметаат дека е потребен сосема нов закон за администрација.

Пратеничката од ДПА Мерал Узеири – Ферати го образложи законот за реализирање на рамноправноста на службените јазици и писма во Република Македонија, посочувајќи дека пратеничката група на ДПА го поднесува овој закон, бидејќи според нив, Законот за употреба на јазиците не е доволен и целосен што се однесува до употребата на албанскиот  јазик.