Отворен 6. Филмски фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“

Во кино „Милениум“ синоќа беше отворен 6. Филмски фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“, со италијанскиот филм „По трагите на мојот татко“ на режисерот Марко Сегато.

До 11 октомври фестивалот ќе се оджрува на повеќе локации во Скопје. Програма содржи долгометражни и краткометражни филмови, креативни работилници, мастеркласови, креативни и едукативни активности во кои ќе бидат вклучени околу 650 деца и млади на возраст од 10 до 19 години. Покрај деца од Македонија, во жирито ќе учествуваат над 50 деца од странство, кои за време на фестивалот ќе бидат гости во домовите на своите другарчиња.

Тема на годинашниот фестивал е „Вода (Аква)“, со што „Џифони“ почнува  циклус посветен на екологијата. Во наредните две години ќе следуваат „Воздух“ и „Земја“, а за таа цел како партнер на фестивалот се вклучува „Пакомак“.

На синоќешното отворање присуствуваа ученици од основни и средни училишта од десет земји, претседателот на „Џифони Експириенс“ од Италија, Пјеро Риналди, италијанскиот амбасадор во Македонија, Карло Ромео, претставници од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Во име на организаторот – Здружението за медиумска писменост „Планет-М“, Дарко Башески ги поздрави присутните гости и ги покани децата за време на фестивалските денови да го слават филмот, радоста и пријателството.