„Филхармонија за Шпато“ е насловен вечерашниот концерт на Македонската филхармонија, посветен на Драган Ѓаконовски-Шпато по повод 30 години од неговата смрт (1931-1987). Шпато е композитор, диригент и музички аранжер кој се смета за зачетник на македонската забавна музика.
Диригент на вечерашниот концерт е Џеси Милинер од Германија, композитор, аранжер и пијанист, кој е задолжен и за оркестрациите на дел од композициите. Заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, на сцена ќе има и бенд во состав: Мартин Ѓаконовски – контрабас, Гордан Спасовски – пијано, Левин Ѓаконовски – тапани и Франческа Рајтер – виолина, а ќе учествуваат и Џон Илија Апелгрен – вокал и Кирил Кузмановски – саксофон.
Ќе бидат изведени меѓу најубавите композиции на Шпато, како „Далечен крај“, „Те носам во себе“, „Глас од далечината“, „Без повраток“, „Дојди есен“, „Молчи една долина“, „Убава со како музика“, „Зар вистина е крај“, „За нас почнува живот“…
– Зад себе остави вистинско звучно богатство чија убавина, автентичност и влијанието кое што го изврши не е надминато. „Во име на цветот“, „Гарача“, „Далечен крај“, „Жолта липа“, „За нас почнува живот“, „Зар вистина е крај“; „Лени“, „Ми вети ти“, „Молчи една долина“, „Носталгија“, „Последен ден на разделбата“, „Љубовна тема“… се дел од вокалните композиции кои не се само печат на едно време, туку се дел и од ова наше денешно совремие, особено сликајќи го животот во Скопје, преку лириката, но и преку музичката содржина, формата, хармонските решенија, наративноста, наведува Филхармонијата.
Драган Ѓаконовски-Шпато потекнувал од музичко семејство. Најпрвин изучувал виолина, а потоа и хармоника и како член на семејно трио (заедно со татко му Васил и неговиот постар брат Хари) ги имал и првите јавни настапи. Всушност, настапот на триото „Шпато“ во програмата на Радио Скопје се смета и за почетокот на македонската забавна музичка сцена.
Подоцна почнал да ги проучува сите инструменти и да аранжира музика од, во тоа време, славните звучни имиња и особено да ја следи џез-музиката. Шпато пишувал, аранжирал и снимал, главно, за потребите на Радио Скопје, тогаш единственото и културно прибежиште на уметниците, каде останал до крајот на својот работен век.
Бил еден од најпознатите композитори и во поранешна Југославија, учествувајќи на фестивали и добивајќи голем број награди. Песната „Еден бакнеж“, на пример, доживеала посебен успех изведена на фестивалот „Опатија“ (1962) во негов аранжман. Од посебно значење за македонската музичка сцена е формирањето на познатиот вокален квартет „Импулси“ (1969), кога Шпато остварува исклучително плодна творечка активност.