Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ја оцени како „политички притисок и политички прогон“ одлуката на Апелацискиот суд да му ја потврди првостепената затворска пресуда за случајот „Тенк“.
– Како што знаете станува збор за политички прогон, за политички монтиран процес што се тера. Единствено нешто што се промени од мојата прес-конференција во Собранието е што одложија за после референдумот наместо пред него, изјави Груевски на паузата од днешеното рочиште за предметот „Титаник“ во Кривичниот суд, во кој тој исто така е обвинет.
Обвини дека се врши политички притисок врз судот, пососчувајќи на изјава на в.д. претседателката на Апелација дека требало да се потврди неговата пресуда.
– Станува збор за класичен политички прогон, за обвиненја дека сум влијалел да се купи возило со цел покрај другите и јас да се возам со него, рече Груевски.
Кажа дека се уште не го добил решението и дека ќе ги искористи сите правни лекови кои му се на располагање.
Прашан дали може да се очекува да гласа во Собранието со цел да се спаси на некој начин од затвор, Груевски рече дека нема да ги поддржи уставните измени.
– Јас нема да го изневерам народот, народот си го кажа своето, рече Груевски.
Апелацискиот суд денеска ја одби жалбата на Груевски на првостепената пресуда и му ја потврди казната од две години затвор за предметот „Тенк’ односно за набавката на луксузниот „мецедес“ вреден над 600 илјади евра.