ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не ја почитува волјата на над 1,2 милиони гласачи

СДСМ не ја почитува волјата на над 1 милион и 200 илјади граѓани кои беа против или апстинира од гласање на договорот со Грција. Волјата е јасна и нема ниту едно насилие на СДСМ тоа да го промени.

По референдумскиот дебакл СДСМ губи контрола. Нивните функционери се однесуваат незаконски и насилнички, шиканирајќи ги вработените во администрацијата, за што одговорност набргу ќе има.

Власта треба да одговори дали се точни информациите дека во Генералниот секретаријат при Владата на Република Македонија на над 50-тина вработени им биле дадени извештаи за дисциплинска неуредност во кој се предлага нивно казнување со 20% од висината на месечната плата во траење од 3 месеци?

Од извештаите кои пристигнаа до нас, како и од дополнителните материјали кои ги добивме, јасно се гледа дека основ за изрекување на ваков вид на казна се неосновани.

Административните службеници, ја имаат запазено целата постапка за оценување, онака како што налага Законот за административни службеници и Правилникот за оценување кој произлегува од овој Закон.

Власта треба да одговори и на тоа дали се точни информациите дека од 1 јуни 2017 година до сега биле поведени над 150 дисциплински постапки по разни основи против вработените во Владата. Ако ова е навистина така, нашите податоци говорат дека се водат постапки наоколу 50% вработените ако се земе предвид дека на страната на Генералниот секретаријат стои информација дека се вработени околу 300 лица.

Притисоците врз администрацијата не се случај само во Владата на Република Македонија. Имено според информациите кои ги објавија медиумите на денот по референдумот од ЈСП биле избркани 3 лица од работа.

Очигледно е дека СДСМ го започнаа процесот на пресметка со секој еден кој не излезе да гласа на срамниот референдум. Соочени со црвениот картон кој им го дадоа над 1 милион и 200 илјади граѓани СДСМ мисли дека ќе ги заплаши граѓаните со насилничко работење.

ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека сите оние кои имаат притисоци и заплашувања се незаконски и за извршителите на истите набргу ќе има одговорност. Во оваа насока го охрабруваме секој еден кој ќе се соочи со ваков или сличен проблем да не извести. Во исто време Комисијата за администрација и Комисијата за правни работи на ВМРО ДПМНЕ Ви стојат на располагање.

Обидите за притисок се последните дејствија на власта која тоне. Граѓаните покажаа дека не се плашат. Време е транзиционите политичари да се испратат во историјата. Македонија заслужува подобро.