Богојески по разрешувањето во ВМРО-ДПМНЕ: Едноставно непомирливи се нашите два концепти

Коменирајќи ја на Фејсбук одлуката за негово разрешување од функцијата заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески претпладнево посочи дека ја поздравува одлуката на ИК на партијата во врска со неговиот активизам во раководните структури, но не и во партијата. Се заблагодарува што бил ослободен од одговорноста што ја носел на себе и што ја пренесувал врз другите луѓе во Иницијативата за реформи.

– Едноставно непомирливи се нашите два концепти, едниот за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО ДПМНЕ. Невозможно е двата да функционираат заедно, а при тоа да се унапреди работењето на партијата на принципиелни основи, посочува Богојески во неговиот Фејсбук статус.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ во овој момент е целосно на погрешна страна од историјата, тргна, како што посочува „во целосно погрешен правец и не е можно заедно на истиот воз во истиот правец“.

– Се надевам за кратко ќе биде тоа констатирано и ќе биде земен друг тек. Ќе повторам, го поразивме Груевски, но не и груевизмот во нас. Се плашам дека тие политики одат во корист на плановите за поширока политичка и безбедносна дестабилизација на регионалната стабилност, што ќе резултира со загрозување на македонската државност, што за мене е без простор за било каков компромис.  Мојата максима беше и останува „Да изгубиме сите, а да добие Македонија!”, посочува Богојески.

Како што МИА веќе објави, заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Петар Богојески синоќа бил разрешен од партиската функција, потврдуваат за МИА партиски извори.

Богојески останува член на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е дел од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.