Македонската економија значително закрепна во однос на 2017 година и се гледаат позитивни движења поддржани од приватните инвестиции и потрошувачката. Се очекува годинава економијата да забележи раст од 2,5 проценти, следната 2,9, а во 2020 година 3,2 отсто. На ваквите очекување може да влијае нарушувањето на реформскиот процес под влијание на изборните циклуси и неисполнување на фискалната консолидација.
Ова е оценката на Светска банка во редовниот економски извештај за Западен Балкан, што денеска беше презентиран во Канцеларијата на оваа меѓународна финансиска институција во Скопје.
– Македонија забележа најголем напредок од шесте балкански земји. До 2020 година се очекува постепен раст, меѓутоа чувствувителноста на претпоставките за нашиот изглед е забрзување на процесот на пристапување во ЕУ и одржаниот момент на реформите, рече директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија Марко Мантованели, додајќи дека ќе ги следат состојбите и ќе ги земат предвид при следните проекции.
Се надева дека доколку има политичка нестабилност и несигурност, доколку таа има минимално влијание кое ќе биде придружено со забрзувње на реформските процеси тогаш Македонија ќе остане на патеката на позитивен раст. Доколку политичката нестабилност продолжи постојат ризици таа позитивна траекторија да не биде толку брза и позитивна како што се очекува.
Мантованели потенцира дека секоја земја минува низ свои политички процеси, а овој, како што рече, е многу важен за Македонија бидејќи се работи за критичен момент и критични прашања.
На краток рок, на Македонија и советуваат фокусирање на стабилизирањето на јавниот долг, што годинава порасна на 49 проценти, што е можно доколку се спроведе одредено приспособување.
Според него, добро е што оваа година е намален дефицитот и со тоа се креира простор за продуктивни инвестиции во човечкиот капитал и помала потреба да се финансираат дефицити за повторно задолжување.
Светска банка препорачува структурна реформа фокусирана на креирање опкружување за продуктивен конкурнетен приватен сектор, а од друга страна инвестирање во човечки капитал.
Светска банка очекува дека јавниот долг годинава ќе достигне до 50 проценти.
Позитивна вест, како што рече Манованели, е што е намалена стапката на невработеност и што се очекува таа да достигне историски најниско ниво од 20,4 проценти, но се затскрива одредена неактивност, односно на оние кои не работат или не сакаат да работат.