Аселборн за МИА: Без Договорот Македонија ќе тапка во место уште десет години

 Во разговор со дописничката на МИА од Брисел, министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн предупредува дека ако Договорот со Грција не се изгласа во Собрание, Македонија ја чека уште една деценија тапкање во место како што беше од 2005.

Аселборн, кој успеа да изгради компромис во јуни кога неговите колеги од Франција и Холандија се противеа за датум за преговори за Македонија, па дури и условен, вели дека во политиката нема успех без смисла за компромис.

– Во политиката треба добро да се знае да се проценат работите: за да се добие нешто, треба нешто да се даде во замена. Ако сакате да бидете членка на ЕУ и НАТО, треба  да се даде нешто. Уште еднаш прифаќањето на предлогот за името не е небалансирано. И судбината на многу, многу млади Македонци, на целиот македонски народ зависи од ова.  Или да се остане барикадиран уште една цела деценија, како што беше од 2005 или да се направи овој чекор и да се оди напред, тоа е сѐ што можам да кажам, вели Аселборн.

Аселборн, кој како министер на земја членка на ЕУ и НАТО и која, како сите други членки, одлучува за приемот на Македонија во Алијансата и за преговорите со ЕУ, вели дека не гледа начин без компромисот со Грција да се оди понатаму по евроатлантскиот пат. Вратите на овие две организации ќе се затворат.

– Јас не гледам како ќе можеме да ги отвориме вратите ако не се прифати договорот. Вратите се отвораат со договорот. Без договорот, вратите не се отвораат. Не сум фаталист, но може да трае, знаете, може да трае… Затоа сметам дека ова е одговорност за судбината на земјата и зависи од гласањето во Собранието. Тоа е тоа, вели Аселборн.

Шефот на луксембуршката дипломатија не смета дека референдумот пропаднал бидејќи над 90 отсто од граѓаните рекоа „да“ за договорот, иако признава дека цензусот претставува проблем. Затоа, вели тој, клучот е во рацете на македонските пратеници.

– Не мислам дека е небалансирано ако Собранието во името на македонскиот народ каже дека се согласува со предлогот на Владата. Иднината на младите многу ќе зависи од тоа. Младите сакаат да гледаат кон Европа и да живеат во земја која еден ден ќе и припаѓа на Европската Унија. Видете, јас не ги познавам чувствителностите во Парламентот, но ова е одговорност на целиот Парламент, а не само на една партија или коалиција, и од тоа ќе зависи иднината на вашата земја, предупредува Аселборн.

Според него, непостигнувањето на цензусот не значи дека сите оние кои не излегле да гласаат се против Договорот со Грција.

– Како во сите европски земји вие сте парламентарна репрезентативна демократија. Не можеме да кажеме дека референдумот пропадна целосно. Тие што не гласаа, не е стопроцентно сигурно дека биле против. Можеби се надевале дека и без нивно учество ќе биде доволно, посочува Аселборн.

Запрашан за тоа што мисли за препораката на Венецијанската Комисија дека не треба да се поставува цензус за референдуми, тој вели дека тоа е дополнителен аргумент Собранието да одлучи.

– Не треба да се заборави дека над 90 отсто од оние кои гласаа се „за“. И впрочем стапките на излезеност во многу демократии и посебно во источна Европа се многу, многу ниски. Се сеќавам на изборите за Европскиот парламент во 2014 во Словачка ми се чини излезеноста беше под 20 отсто. Тоа, вели Аслеборн, е уште еден проблем кој треба да се има на ум, дека „демократијата не функционира ако луѓето не одат да го кажат својот избор. И тука имаа избор: или да тапкаат во место или да одат напред со прифаќањето на договорот“.

На прашањето на МИА дали доколу Советот на ЕУ дадеше јасно и неусловено зелено светло за старт на преговори со Македонија, референдумот ќе беше поуспешен, Аселборн ги отфрла критиките.

– Не верувам. Направивме сѐ што можевме. Не верувам дека ќе сменеше било што. Во секој случај опозицијата не се базираше на тоа во кампањата, рече Аселборн.

За крај Аселборн им порача на сите во Македонија да направат сѐ што можат во наредниот период за да помогнат земјата да оди напред.