Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска во Секретаријатот за европски прашања се сретна со новиот технички експерт Франсоа Лафонд и амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристијан Тимониер.
Повод за средбата, како што информираат од СЕЦ е започнувањето со работа на новиот технички експерт од Република Франција Лафонд, кој во следните две години ќе биде советник на Османи.
Назначувањето на нов експерт е потврда за отворената поддршка на Франција, не само на Секретаријатот за европски прашања, туку и на Македонија во нејзината евроатлантска интеграција и напорите на Владата да ја врати земјата на европскиот пат, се вели во соопштението.
Османи, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата ја нагласил досегашната успешна соработка на Македонија со Франција, за која реле дека очекува продлабочување и унапредување согласно заложбите добиени и од новиот советник Франсоа Лафонд.
– Франција е една од клучните политички фактори во рамките на Европската Унија и нејзината улога во процесот на проширување има фундаментално значење за успешност на процесот, истакнал Османи на средбата.
Во таа насока поддршката што новиот претседател на Франција Емануел Макрон, ја дава за проширувањето на Европската Унија, влева силен поттик за реформските процеси во Македонија, но влева оптимизам и кај останатите земји од Западен Балкан.
За време на средбата Вицепремиерот Османи ги повторил амбициите на Владата, до крајот на годината на декемврискиот Самит да биде отстранета условеноста на препораката, натаму позитивен извештај и чиста препорака од страна на Комисијата во април наредната година, како и добивање на датум за почеток на преговорите до крајот на наредната година,.
За ова, како што се вели, Осамни очекува и поддршка од страна на новиот експерт, кој со својата експертиза, знаење и искуство ќе претставува дополнителна вредност на Секретаријатот за европски прашања, во неговата подготовка на тимот, структурата, но и на целата администрација за евентуалниот почеток на преговорите со Унијата.