Бугарско МНР : Време е политичката елита на Македонија да покаже зрелост

Веруваме дека демократијата е вкоренета во општеството на Република Македонија. Референдумот е највисок демократски чин – со изразената волја на оние кои учествувале во него и имајќи ги предвид оние кои не гласале. Граѓаните имаа слободен избор, а над 90 отсто од оние кои гласаа на овој консултативен референдум експлицитно ја изразија желбата земјата да биде дел од европската и евроатлантската заедница. Нивниот глас е видлив и јасен и поради тоа не може да се игнорира.

Ова се наведува во соопштението од бугарското Министерство за надворешни работи за вчерашниот референдум во Македонија.

– Време е целата политичка елита на нашиот сосед да покаже зрелост и да најде начин да ги решат тешките проблеми. Залогот е голем – иднината на државата и иднината на сите нејзини граѓани. Големо мнозинство граѓани се „за” членство во ЕУ и во НАТО. Губењето време не е од корист ниту за земјата ниту за регионот. Република Бугарија ќе продолжи со поддршката за нашите браќа и сестри од Република Македонија и интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО, пишува во соопштението на бугарското МНР.