Честитка од премиерот Заев за изборот на Курц за нов австриски канцелар

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев упати честитки до Себастијан Курц за изборот за Сојузен канцелар на новата Влада на Република Австрија.

– На Република Македонија и се потребни пријатели кои ќе ги поддржат аспирациите на државата за интеграција во ЕУ, и оттука од огромно значење е вашата поддршка на Македонија во овој процес, вели Заев во честитката до својот австриски колега.

Заев искажува убеденост дека Република Австрија и понатаму ќе биде важен пријател на Република Македонија, а воедно, како што вели во честитката „заеднички ќе придонесеме за постабилен и попросперитетен регион во светло на европските интеграции“.

Македонскиот премиер се надева и дека со именувањето на Курц за нов канцелар билатералните односи меѓу двете земји во иднина ќе се продлабочуваат.