Демант од Левица по соопштението на нејзините поранешни членови

Речиси сите провладини електронски и пишани медиуми, утрово објавија соопштение потпишано од девет поранешни членови на Левица, во кое информираат дека поднеле кривична пријава против раководството на партијата за наводно фалсификување документи, злоупотреба на правните инстутуции на државата и корумпирање на правниот поредок.

Не ги обвинуваме овие медиуми за објавата на соопштението, но би сакале иста таква професионалност да применат кога Левица ги кани на своите прес конференции, трибини и други политички настани, на кои воопшто не праќаат новинари.

Па да видиме кој стои зад овие паушални, нејасни и тенденциозно невистинити обвинувања.

Имено, се работи за поранешни членови на партијата, мала небитна и немоќна група незадоволници, т.н пучисти, кои иако пред речиси две години се искучени од членство поради нивното нестатурарно роварење внатре во партијата, сепак пред секој поголем политички настан (парламентарни и локални избори, а сега пред референдумот) се активираат со цел да да ги саботираат изградените партиски позиции и да создадат лажен привид за некаков си внатрешен судир во Левица.

Впрочем, последен внатрешен судир во Левица имаше пред парламентарните избори во 2016, кога оваа групација, незадоволна одлуката на Централниот комитет за самостоен настап Левица на парламентарните избори, започна медиумска и правна војна против волјата на мнозинството искрени активисти кои ја создадоа Левица, чија цел беше Левица да не биде обичен привезок на СДСМ, туку посебна политичка сила која се бори против штетното 25 годишно владеење на СДСМ – ДПМНЕ.

Оваа минорна група, се состои од луѓе чие зачленување во Левица беше со едиствена цел- Левица да влезе во предизборната коалиција на СДСМ. Оваа инсталација на СДСМ манипулираше и со други луѓе, инструирајќи ги да работат против Левица, како би добиле нешто за возврат од новата власт.

Прво поднесоа тужба со предлог времена мерка, судот да ја спречи Левица да излезе со свои листи на парламентарните избори. Неспособноста и пакоста на оваа група веднаш излезе на виделина, затоа што подносителот на оваа тужба не беше воопшто член на Левица, па Левица непречено ги поднесе своите листи за пратеници.

Подоцна оваа група пучисти, организираше т.н Вонреден пленум со цел смена на легалното и легитимно раковоство. Зад оваа иницијатива со свои потписи застанаа 300 лица, од кои многумина повторно не беа ниту членови на Левица.  Т.н вонреден пленум беше против-статутарен и аматерски организиран, без потребното известување до членството и раководството на партијата и без потребниот број иницијатори (членството на партијата тогаш броеше над 1500 лица). Пучистите го изгубија судскиот спор, а за предводникот на оваа група, Перо Оџаклиески, се докажа дека ги злоупотребил личните податоци на дел од членовите на партијата кои не се потпишале или воопшто не знаеле за што се потпишуваат.

И кога помисливме дека оваа група средовечни манипулатори се помирила со судбината дека не може ништо политички и правно да направи против младите искрени левичари, кои резигнирано одбиваат да бидат привезок на криминалниот бипартизам, еве ги повторно, на два дена пред изборниот молк за референдумот, со исти паушални, нејасни и тенденциозно невистинити обвинувања.

Целта е јасна. Пред клучното референдумско изјаснување, Левица да се оцрни пред јавноста, а нејзиниот принципиелен став за Бојкот на референдумот да се разводни како став на нелегитимно раководство.

На крајот им порачуваме, дека нивните пакосни намери се откриени. Се надеваме дека Јавното обвинителство не е впрегнато во служба на власта, како што беше за време на минатиот режим. Но доколку биде покренето обинение, против истото ќе се браниме како и досега. Со доказите, вистината и правдата кои се на наша страна.