„Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“ – изложба во МСУ

„Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“ е насловена изложбата која вечер во 18.30 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност.

МСУ соопшти дека изложбата се обидува да прикаже можни ликовни врски меѓу делата од италијански и македонски автори застапени во неговата колекција. Ќе бидат претставени дела од автори кои биле дел од првата постојана поставка на МСУ во 1970 година, како Ренато Гутузо, Алберто Бури, Енрико Бај, Емилио Ведова, Афро Базалдела, Франко Џентилини, Никола Карино, Корадо Каљи, Џетулио Алвиани, Франческо Сомаини и други видни претставници и придвижувачи на актуелни уметнички правци во Италија и во Европа во повоениот период.

– Иако повеќето италијански дела и во колекцијата и на изложбата се од 60-тите години од минатиот век, италијанската колекција ја карактеризира нетипична разнородност, особено што нејзиното збогатување продолжило и понатаму, по оваа декада… Со делата од македонската колекција изложбата трансгресира нагоре-надолу по временскиот вектор, па во изложбата се вклучени дела создадени од педесеттите години до денес. Причината за ова меѓуисториско поврзување на различни начини на читања – модернистички и постмодернистички, се наоѓа во следењето на стилските, тематските и контекстуализирачките особености, како и ликовните елементи и принципи на италијанските дела во изложбата, наведува МСУ.

На отворањето на изложбата најавени се обраќања на премиерот Зоран Заев, министерот за култура Асаф Адеми, амбасадорот на Италија Карло Ромеро и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Обраќање ќе имаат и д-р Рикардо Пасони, директор на Галеријата на модерна и современа уметнсот во Торино, и Бојана Јанева Шемова, куратор на изложбата.

Гостинот од Торино, Пасони, утревечер во 19 часот во МСУ ќе ја презентира музејската дејност на Галерија на модерната и современата уметност која ја раководи.

Изложбата „Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“ за посетителите ќе биде отворена до 31 јануари 2019 година.