Босанско-македонската копродукција „Буре барут“ и корејската „БЈ Фауст“ вечер на МОТ

Шест дена по премиерата на матичната сцена, Босанско народно позориште од Зеница, Босна и Херцеговина, вечер од 20 часот во Макдонскиот народен театар во рамки на фестивалот „Млад отворен театар“ ќе ја изведе претставата „Буре барут“ од Дејан Дуковски во режија на Нина Николиќ.

Претставата е копродукција помеѓу театарот од Зеница и „Скопје филм студио“ во соработка со Македонскиот народен театар, Министерство за култура и Град Скопје.

Во актерската екипа се 11 актери од зеничкиот театар, драматург е Драгана Лукан Николоски, костимограф Лејла Хоџиќ, сценографијата е на Ведран Хрустановиќ од Сараево, а кореографијата на белгискиот уметник Томас Стјуард. Автор на музиката е Игор Касаповиќ, а на видео и фотографија – Петар Кочишки.  Продуценти се Томи Салковски и Хазим Бегагиќ.

– „Буре барут“, според истоимената драма на Дејан Дуковски, и по 25 години од праизведбата сѐ уште зборува за актуелни теми од секојдневието на луѓето што живеат на овие простори, за бруталниот круг на насилството кој во агонијата на непрекинатоста, полека се претвора во спирала која ги вовлекува дури и оние што се убедени дека се имуни и доволно силни за да побегнат. Ова е претстава што нѐ потсетува дека не е важно кој почнал, туку дека треба да се најде јунакот што ќе каже: „Доста е!“, најавува МОТ.

Во терминот од 22 часот, во Младинскиот културен центар (сала „25 Мај“) ќе биде изведена јужнокорејската претстава „(Во живо) БЈ Фауст“ во режија на Мунгхун Јо и настап на актерот Сангву Ким. Претставата, инспирирана од Гетеовиот „Фауст“, го поставува прашањето; Кога ќе заврши војната меѓу Фауст и Мефисто која веќе ја надминува и реалноста?

– Фауст, оној што направи пакт со ѓаволот Мефисто и во замена ја чувствува секоја можна човечка емоција. Последниот негов крик значи дека неговата душа веќе не му припаѓа нему, туку на Мефисто. Како и да е, неговото патување не завршува овде. Без да знае кога или како пристигнува таму, тој талка во еден идеален свет каде што се наоѓаат фрагменти од меморијата. Патувањето почнува кога претставата завршува, најавува организаторот на МОТ.

Фестивалот ќе заврши утревечер (20 часот во кино „Фросина“) со „Црнила ремикс“ по мотиви од драмата на Коле Чашуле по идеја и режија на Јордан Симонов. Тоа ќе биде официјална премиера на претставата која беше изведена овој месец во рамки на „Здраво млади“.