Владата на Република Македонија денеска ќе одржи редовна седница на која ќе ја разгледа информацијата за програмата и приоритетите на австриското претседателство со Советот на Европската Унија, со календар за одржувањето на неформалните министерски состаноци на Европската Унија.
На предлог на Министерството за образование и наука, пред министрите ќе се најдат три предлог уредби и тоа: предлог – уредба за методологијата за утврдување на критериуми за распределба на наменски дотации за основното образование по општини за 2019 година, предлог – уредба за методологијата за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за основното образование по општини за 2019 година и предлог – уредбата за методологијата за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за средното образование по општини и градот Скопје за 2019 година.
Владата денеска ќе дебатира за информација за планирање на опремувањето и модернизацијата на Армијата на Република Македонија во предлог буџетот на Министерството за одбрана за период 2019-2021.
Како материјал за информирање, на седницата ќе биде разгледан и извештајот за работа на Инспекцискиот совет и информација за работа на инспекциските служби за вториот квартал од 2018-та година.