Сугарески: Се работи на реализација на проекти од инфраструктурата вредни 800 милиони евра

Во моментов  низ целата територија на Република Македонија се работи на реализација на проекти во висина од преку 800 милиони евра, што е историски највисока инвестициска програма за подобрување на квалитетот на патната  мрежа во државата, изјави денеска министерот за тѕранспорт и врски Горан Сугарески, при вршењето на увидот на изградбата на мостот на реката Луда Мара во Ваташа.

Тоа, според Сугарески, е доказ дека Владата е максимално посветена на изградба на квалитетна патна инфраструктура, со  која, како што рече, од една страна ќе придонесеме за брз и безбеден транспорт на стоки и патници, а од друга страна ќе  стимулираме пораст на БДП и ќе создадеме услови за економски раст на земјата. 

На увидот, покрај Сугарески, присуствуваа и директорот на Јавното претпријатие за патишта Зоран Китанов и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Министерот нагласи дека ова е дел од програмската определба за изградба и подобрување на патната инфраструктура во државата.

– Овој проект е од огромно значење за жителите на Ваташа и го реализираме на нивно барање. Како што забележавме, градежните работи  се одвиваат добро и очекуваме новиот мост да биде завршен во предвидениот рок. Инвестицијата е во вредност од околу 480 илјади евра,  а средствата се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта. Во делот на изградбата и реконструкцијата на патната мрежа,  сакам да споменам дека набрзо ќе започне да се реконструира регионалниот пат Кавадарци – Росоман, информираше Сугарески. 

Исто така,  во тек е изградба на  експресниот пат од Градско до Прилеп, а до ноември оваа година се  очекува да биде завршена рехабилитацијата на автопатска делница Неготино – Демир Капија. Сето ова е, како што нагласи,  дел од најавениот голем инвестициски циклус во патната инфраструктура.     

Китанов рече дека постоечкиот мост е доста оштетен и опасен за понатамошна употреба. Приодниот пат до мостот е исто така со незгодна кривина, па имаше многу сообраќајки и автомобили паднати во реката. 

– Се посветивме и на општина Кавадарци и го решаваме овој проблем. Новиот мост треба да биде завршен во февруари месец. Ќе се санира и речното корито во должина од околу 180 метри, како  и пристапниот и излезниот пат на самиот мост кој ќе биде и променет. Ќе има модерен пат и мост и поголема безбедност, нагласи Китанов. 

Изградбата на нов мост е од големо значење за Ваташа и Кавадарци, но и за сите други, бидејќи, како што рече градоначалникот, стариот е од 1960 година, Информираше дека инвестицијата е околу 500 илјади евра, заедно со Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта.