Македонија и Албанија ќе соработуваат на развој на преносните мрежи на природен гас преку изградба на интерконективен вод, во насока на ефикасна испорака на овој природен енергенс. Ова го предвидува Меморандумот за разбирање што денеска е потпишан во Тирана помеѓу Македонски енергетски ресурси АД Скопје и АЛБГАЗ од Тирана. На потпишувањето на Меморадумот присуствуваа минситерот за економија Крешник Бектеши и албанскиот министер за енергетика Дамјан Ѓикнури.
– Како земји-соседи, со традиционални пријателски односи и развиена економска соработка, активно работиме на обезбедување поблиска интеграција на енергетските пазари на ЕУ и Енергетската заедница и зајакнување на безбедноста на снабдувањето со енергенси на регионот. Денешниот Меморандум е чекор напред за развој на билатерално стратешко партнерство во секторот за природен гас, како продолжение на веќе потпишаниот Меморандум за соработка во областа на енергетиката, меѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика на Република Албанија“, изјави Бектеши.
Според него, радува фактот што изградбата на проектот ТАП на албанска територија е во завршна фаза.
Тој оцени дека соработката во областа на природниот гас, верификувана денеска од страна на првите луѓе на МЕР и АЛБГАЗ, Бајрам Реџепи и Арбр Аврами, како стратешко партнерство меѓу двете компании, ќе овозможи обезбедување на сигурност и диверзификација на снабдувањето со природен гас. Со ова ќе биде промовирана гасификацијата, испораката на дополнителни количини на природен гас помеѓу двете земји, но и поттикнување на инфраструктурните инвестиции во енергетскиот сектор, како и исполнување на обврските што произлегуваат од Регионалната иницијатива за централно и југоисточно европско поврзување со гас.
Според Бектеши, Македонија и Албанија како две соседни земји кои сакаат да се интегрираат во европските структури, имајќи го предвид Берлинскиот процес, се повеќе од заинтересирани во најкус можен рок да се конкретизираат започнатите проекти, што ќе придонесе до уште позајакната енергетска и економска соработка, имајќи предвид дека само со добра регионална интеграција ќе се обезбеди побрза интеграција во европското семејство.
– Потпишувањето на овој меморандум за соработка во сферата на гасификацијата, како дел од енергетиката, е добра основа од која ќе имаат корист двете земји. Таквите проекти кои го развиваат енергетскиот пазар треба да се гледаат со голем интерес, бидејќи како соседни земји имаме многу обврски кон Енергетската заедница“, посочи министерот за енергетика Дамјан Ѓикнури.