Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски денеска се сретна со специјалниот претставник на ОН во Македонија, Лујза Винтон.
Како што соопшти МНР, целта на состанокот е во функција на информирање и консултации во однос на престојното 73. Генерално Собрание на ОН, што ќе се одржи во Њујорк од 24 до 28 септември, а на кое Жерновски ќе ја претставува Република Македонија како дел од македонската делегација.
На состанокот станало збор за актуелните внатрешно-политички состојби, текот на домашните реформи и надворешно–политичките приоритети на Македонија, со акцент на актуелностите поврзани со спроведувањето на претстојниот референдумот, се наведува во соопштението од МНР.
– Убеден сум дека граѓаните ќе ја препознаат сериозноста на одлуката пред која сме исправени, а со приближување на денот на референдумот, поддршката за евроатлантската иднина на земјава ќе расте сѐ повеќе, потенцираше Жерновски на состанокот.
Тој истакнал оти ова е „неповторлива шанса и сите обединети мора да се вложиме за да и помогнеме на сопствената земја и на сопствените граѓани, во исполнување на нашите аспирација за членство во ЕУ и НАТО“.
Жерновски истакна дека Македонија е силен поддржувач на мултилатерализмот и дека ќе работи со сите членки на ОН, со цел да се заштитат човековите права, да се подобри безбедноста и да се зачува мирот во светот.
Винтон ги посочи заедничките предизвици во поглед на борбата против радикализацијата на насилен екстремизам и тероризам, ширење на оружје за масовно уништување како закана за светската безбедност, потребата за заедничка акција за подобрување на човековите права и промоција на дијалогот како средство за разбирање и соработка помеѓу нациите.