Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров се сретна со претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите (ПСМ), Арлем Дезир.
Министерот Димитров изрази задоволство од континуираната соработка со институцијата на ПСМ на ОБСЕ и ја изрази подготвеноста на Република Македонија да ја продолжи ваквата соработка. Тој исто така искажа благодарност за поддршката и експертизата на ПСМ и неговата Канцеларија во процесот на изработка на текстот на законските измени во областа на аудио и аудио-визуелни медиумски услуги. Ја нагласи важноста од мерките кои се преземаат од Владата за ослободување на медиумите од политички и институционални влијанија, притисоци, како и финансиската зависност, соопшти МНР.
Двајцата соговорници разменија мислења за подобрување на состојбите во сферата на медиумските слободи, справувањето со феноменот на лажни вести и справувањето со говорот на омраза.
Дезир ја реафирмира подготвеноста на неговата Канцеларија да продолжи со поддршката на реформските процеси во областа на медиумите во Република Македонија.