ИФИМЕС: Македонија бира меѓу (само)изолација и евроатлантска иднина

Вкупно 63,6 отсто од граѓаните на Македонија ќе учествуваат на претстојниот референдум, а 67,3 проценти се за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор, покажува испитувањето на јавното мислење што го спроведе Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана.

Според анкетата направена од 1 до 10 септември годинава врз 1.218 испитаници во сите шест изборни единици, на референдумот нема да излезат 17,4 отсто од граѓаните, додека 16,4 отсто не се за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот со Грција.

Од испитаните, 86,7 отсто сметаат дека македонските граѓани независно од етничките и политичките разлики, треба да покажат единство кога е во прашање полноправното членство во ЕУ и НАТО, додека 79,8 проценти мислат дека евроатлантската интеграција е правилна стратешката ориентација на државата.

Најголем процент од анкетираните, 74,2, го оцениле негативно работењето на претседателот на државата Ѓорге Иванов, позитивно се изјасниле 9,4 проценти, а став по ова прашање немаат 16,4 отсто.

Високи 79,2 отсто од испитаниците сметаат дека СЈО под водство на Катица Јанева добро си ја врши работата, 14,4 проценти имаат спротивно мислење, додека 6,4 немаат став.

Испитувањето на јавното мислење е дел од анализата за актуелните случувања во Македонија што ИФИМЕС ја наслови: „Македонија бира меѓу (само)изолација и евроатлантска иднина?“. Анализата најпрво потсетува на склучувањето на Преспанскиот договор, потоа се навраќа на историјата на македонската државност, а посебно поглавје посветува на поддршката од меѓународната заедница за референдумот, нарекувајќи ја „досега невидена во регионот“.  

Во анализата има посебно поглавје за канонското признавање на МПЦ и како тоа да се спречи.