Средба на Ахмети со американскиот помошник државен секретар Мичел

Претседателот на Демократската Унија за Интеграција (ДУИ),  Али Ахмети, во Скопје се сретна со американскиот  помошник државен секретар, Вес Мичел и Амбасадорот на САД во Македонија,  Џес Бејли, соопшти денеска ДУИ.
Високиот претставник од Соединетите Американски Држави, стои во соопштението, ја поддржал евроатланската перспектива на Македонија и регионот.
Ахмети изразил голема благодарност за придонесот на САД за слободата, мирот и демократизацијата не само во Македонија, туку во цела Југоисточна Европа.
– Постигнатиот успех во овие две децении е заеднички и се заокружува со спроведувањето на Договорот од Преспа и интеграцијата во НАТО и ЕУ. За тоа, Ахмети лично, но и сите од Демократската унија за интеграција се целосно мобилизирани и посветени на успехот на овој процес  затоа што тоа го сакаат граѓаните на ова земја, Албанците, Македонците и сите други, се подвлекува во соопштението.
Ахмети, се посочува во соопштението, исто така ја искористил приликата да истакне колку ДУИ е посветена на владеењето на правото,  борбата против организираниот криминал  и корупцијата  и воопшто на системските реформи.