Осум договори за национално кофинансирање на проекти во рамки на Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово 2014-2020, од првиот јавен повик во вредност од 1,5 милиони евра, беа потпишани денеска во Скопје.
Корисниците кои ги потпишаа договорите се градоначалниците на општините Куманово и на Крива Паланка, Национален совет за родова рамноправност-Македонија, Здружението за одржлив развој и соработка Алка“, Здружението „Креација“ од Скопје, Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој, Здружение Институт Балкан про Европа Скопје и хотелот „Радика“.
Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово 2014-2020 година почна со реализација на 15 јануари 2016 година и располага со фонд од 8,4 милиони евра за заеднички проекти меѓу Косово и Македонија, како и техничка помош за имплеметнација на програмата. Корисници на средствата можат да бидат општини, Центри за развој на планските региони, јавни претпријатија, национални паркови, невладини организации…
На потпишувањето се обратија министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и претставникот на Делегацијата на ЕУ во Скопје Фрик Јанмат.
Фазлиу информира дека Министерството за локална самоуправа како национален координатор на Програмата за прекугранична соработка, во рамки на досегашните јавни повици, ги има преземено сите неопходни чекори за успешно спроведување на проектите за прекугранична соработка.
– Во овој нов програмски период 2014-2020 година, Република Македонија учествува во четирите постоечки програми за прекугранична соработка со Грција, Бугарија, Албанија и Косово, додека во почетна фаза е подготовката за спроведување на програмата со Србија, рече Фазлиу.
Досега со Програмата за прекугранична сорботка Македонија и Косово од првиот повик за предлог-проекти се договорени осум проекти во вредност од 1,5 милиони евра за корисниците од двете страни на границата, кои веќе почнале со реализација. Фазлиу потсети дека со одлука на Влада националното кофинансирање од 15 отсто е обврска на Министерството за локална самоуправа со што се поддржуваат корисниците на средствата во спроведување на избраните проекти.
Јанмат смета дека односите меѓу двете држави се подобруваат и додаде оти е добро постоењето на оваа прогарама.