Потврден идентитет, јазик и отворен пат кон НАТО и ЕУ со договорот од Преспа

Потврда на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик, отворање на вратите за полноправно членство на Македонија во Европската унија и НАТО, подобрување на економската состојба, зацврстување на владеењето на правото, стабилизирање на регионот се дел од придобивките коишто земјата ги има со постигнатиот договор со Грција за решавање на спорот за името, ова се заклучоците на учесниците на првиот дел од денешната научна расправа насловена „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евроатлантските интеграции на Република Македонија“.

Тие со апел до опозициската ВМРО-ДПМНЕ и сите оние кои ќе се изјаснат против или ќе го бојкотираат референдумот да ги преоценат своите ставови и да ја согледаат историската шанса која што се отвора со договорот.

– Добивме кристална и недвосмислена потреба за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Македонци, Македонец, Македонка, Македонско. Како дома, така и во странство. Преведено без ограничувања на сите јазици во светот, идентитет за севкупна употреба. Грција го признава нашиот идентитет. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани, порача премиерот Зоран Заев пред присутните учесници во првиот дел од расправата насловен како „Меѓународен и политички контекст и значење на Спогодбата“.

Заев истакна дека имплементацијата на домашните промени согласно договорот ќе се случува во фази. Како што ќе напредуваме во ЕУ, додаде тој, согласно отворањето поглавја за членство, така ќе се спроведува договорот дома.

– Од држава со многу проблеми и лоши односи со соседите сега на нас гледаат како на позитивен пример – модел што другите сакаат да го следат, посочи премиерот, додавајќи оти се затворени сите отворени прашања и дека немаме други спорови со соседите или со други држави.

Истакна дека граѓаните ќе го имаат последниот збор за договорот на референдум.

– Граѓаните се тие кои ќе одлучат за оваа голема одлука. Веруваме дека ќе го донесат вистинскиот избор. Веруваме дека имаме добар, достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира нашата иднина, истакна премиерот пред присутните.

На првиот дел од расправата се обрати и шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој посочи дека патот по којшто чекоревме 27 години конечно утврден со договорот од Преспа. Додаде дека земјата не може да биде дел од НАТО и ЕУ ако не е пријател со државите кои веќе се внатре.

– Овој договор има големо историско значење бидејќи ние вистински првпат се помируваме како два народа. Договорот е производ на тешки преговори. Дури и две запирки да смениме ќе се скине конецот, едвај го врзавме конецот и од наша и од нивна страна. Историските помирувања се тешки, рече Димитров.

Нагласи дека конечно е пронајдена работата преку која земјата ќе оди напред.

– Важно ни е низ таа врата да влеземе исправени, со дигната глава. Оценките дека кваката не блеска доволно, дека вратата не е три, туку два метри се неконструктивни и неодговорни. Ако можеме да најдеме друга врата поширока и поблескава нека ни ја покажат, рече Димитров.

Шефот на дипломатијата посочи дека е време да се надминат личните и партиските интереси и да и се даде шанса на иднината на Македонија. Тој ги повика членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да размислат што значат за нив четирите букви што ги носат за македонската историја.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи рече дека Македонија е всушност Балканот во мало и оти земјата ја нашла формулата како да биде функционална, мултиетничка и мултирелигиозна демократија.

Истакна оти основите на ова мултиетничко општество се Спогодбата за стабилизација и асоцијација и Рамковниот договор, двата важни документи потпишани во иста година.

– Тие стануваат погонско гориво за моделот бидејќи се комплементарни и се надополнуваат, посочи Османи и додаде дека и покрај напредокот што земјава го остварувала изминатите години горивото не успеало да стигне до моторот, поради нерешениот спор за името со Грција.

Оваа Влада, додаде Османи, изработила мастер план за во рок од една година да ги придвижи сите поважни процеси. Истакна дека во текот на преговорите иако тој е етнички Албанец честопати бил во ситуација со голема страст и посветеност да го брани македонскиот идентитет и македонскиот јазик, а од друга страна честопати бил сведок како премиерот Зоран Заев, пак, го бранел и донесувањето на законот за јазиците.

Пред присутните се обрати и првиот претседател на Собранието на РМ Стојан Андов, кој истакна оти во земјава се уште има струи кои шират негативно мислење за НАТО како империјалистичка сила којашто ги штити интересите на САД.

– Има професори на факултет, доктори на науки кои работат да ги наговорат луѓето да не излезат на референдумот или да гласаат против ратификацијата на договорот, но тие не нудат ништо, не нудат алтернатива со која ќе биде заменет договорот и за тоа како државата ќе функционира. Се јавува поделеност на македонскиот народ. Оваа поделба е опасна бидејќи е резултат на политика на изолација од западните вредности, рече Андов.

Додаде дека тоа е политика која што од 2009 година ја спроведува претседателот Ѓорге Иванов и упати апел до опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не ја голтне јадицата на курсот на изолација на Македонија од западните вредности.

Претседателот на МАНУ, академикот Таки Фити истакна оти МАНУ е свесен дека решавањето на спорот морало да биде спроведено преку нужен компромис кој ќе се постигне доколку нешто дадеме, а нешто добиеме.

– Свесен сум дека прашањето за спорот со името е тешко и болно, рече Фити и додаде оти се уште во одредени членови од договорот има спротивставени мислења во самата Академија, но нагласи дека алтернативно решение нема.

Посочи оти со договорот е важно дека се зацврстуваат и гарантираат идентитетот, прашањето на нашиот јазик, културата, традицијата.

Во однос на МАНУ истакна оти има едно прашање кое што се однесува на членот 1 од договорот во кој се вели дека придавската референца за државата за нејзините официјални органи и другите јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име.

Фити истакна оти ова ќе се однесува и на МАНУ и на други институции како што е МРТ, МНТ, МОБ.

– Во многу земји институциите се именуваат со придавската референца на државата, рече Фити и додаде дека во овој контекст МАНУ во претстојниот период ќе изврши консултации со експерти  со цел да се утврди дали договорот остава простор за пофлексибилно решение во однос на споменатото прашање.